Здружението „Икуалити“, во рамки на меѓународниот проект „ID: CITIZEN“, организира онлајн конференција посветена на пристапноста, универзалниот дизајн и системските решенија за еднакво учество на лицата со попреченост во јавниот простор и заедницата.
Конференцијата под наслов „Како да креираме општество без бариери?“ ќе се одржи на 27 мај, среда, со почеток во 10 часот, преку платформата Zoom. Учеството е бесплатно, со претходна регистрација.
Настанот ќе ги претстави клучните искуства и резултати од студиските посети реализирани во Полска и Словачка, како и публикацијата „Препораки за политики за подобрена инклузивност“. Документот содржи практични насоки за воспоставување системска пристапност, подобрување на движењето низ градовите, унапредување на јавните простори и примена на инклузивни практики.
Главната порака на конференцијата е дека пристапноста не смее да се третира како привилегија или дополнителна мерка, туку како основно право и составен дел од планирањето на секоја заедница. Јавниот простор, доколку не е системски проектиран за сите граѓани, станува бариера која исклучува наместо да поврзува.
Конференцијата ќе ја предводат претставници на партнерските организации: Здружението „Икуалити“ од Македонија, Фондацијата „Интеграција“ од Полска, Организацијата „Рака под рака“ од Унгарија и Здружението „Тененет“ од Словачка.
На настанот се очекува учество на претставници на институции, општини, професионалци од областа на урбанизмот, архитектурата, културата и социјалната инклузија, граѓански организации, како и други засегнати страни кои работат на унапредување на пристапноста и еднаквото учество во општеството.
Проектот е поддржан од Меѓународниот Вишеградски фонд, кој поддржува регионална соработка меѓу организациите на граѓанското општество, размена на идеи и промовирање меѓусебно разбирање.