Бужаровска за Мис Карпош: Наместо превенција, жените се сведуваат на објекти

Писателката остро реагира на планот за избор на убавица по повод јубилејот, по масовните протести против семејното насилство.

Најавата на градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, дека педесетгодишнината на општината ќе се одбележи со избор на Мис Карпош, предизвика остра реакција кај јавноста. Писателката Румена Бужаровска ја оцени оваа манифестација како скандалозна во време кога граѓаните на масовни протести бараат институционална одговорност за фемицидите. Таа потсетува дека општината претходно го одложила панелот за семејно насилство, но сега одлучила да промовира манифестација што ги сведува жените на физички изглед.

„Вчера во Скопје се одржа голем протест против фемицидите и системските пропусти што овозоможуваат да сме трети во Европа по убиени жени поради семејно насилство. Во Карпош годинава трагично животите ги изгубија Ивана и Катја, по што општината реши да го одложи панелот ‘Семејно насилство – од закон до пракса’ што требаше да се одржи на 9 март. И никогаш не го презакажа. Но затоа, предлага избор на Мис Карпош“ пишува Бужаровска.

Таа потенцира дека е скандалозно општината, во вакво ужасно време за жените, кои се половина нејзини жители, во време на протести, гнев и тага поради изгубените животи, да организира манифестација која во преден план го става оценувањето на младото женско тело и жените ги сведува на објекти чија убавина и привлечност треба да се оценува.

„Жителите на Карпош заслужуваат достојна прослава за педесеттиот јубилеј на општината и жителките од оваа општина не заслужуваат да бидат потценувани и изложувани на манифестација што се заснова на оценувањето на нивната атрактивност“ пишува Бужаровска.

Таа додава дека општина Карпош брои многу знаменити живи, починати, млади и возрасни уметници, музичари, писатели, глумци и режисери и дека програмата може достојно да ја прикаже нивната значајност.


„На крај, Градоначалникот да не се сомнева дека нашиот оправдан бес нема да му ја расипе манифестацијата, доколку таа навистина се одржи. Многу сме, гневни сме, и доста ни е“ предупредува Бужаровска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс