Во Соединетите Американски Држави за првпат по 60 години е откриен опасен паразит што напаѓа топлокрвни животни, соопшти американското Министерство за земјоделство.
Станува збор за новосветската „screwworm“ мува, паразитска мува чии ларви можат сериозно да ги оштетат животните доколку заразата не се третира навреме. По ширењето низ Мексико во текот на изминатата година, паразитот сега е потврден кај теле во Тексас, пренесува „Ројтерс“.
Случајот е откриен во Ла Прајор, град оддалечен околу 48 километри од американско-мексиканската граница. Заразата е потврдена кај теле старо три недели, кај кое ларвите биле пронајдени во пределот на папокот.
Американските сточари стравуваат дека евентуално ширење на паразитот може да ги намали стадата, да влијае врз производството на говедско месо и да доведе до повисоки цени за потрошувачите.
Паразитот најчесто се шири преку движење на заразени животни. Поради тоа, USDA и властите во Тексас воспоставуваат зона на надзор и карантин во радиус од околу 20 километри.
Оваа мува може да зарази и луѓе и домашни миленици, но властите нагласуваат дека ризикот за луѓето е низок и дека таквите случаи се ретки. Од Министерството наведуваат и дека паразитот не претставува опасност за безбедноста на храната.
Американските власти планираат да пуштат милиони стерилни муви за да го спречат ширењето. Методот функционира така што женките се парат само еднаш во животот, па доколку се спарат со стерилен мажјак, јајцата не се развиваат.
Од USDA тврдат дека се подготвувале за можната појава на паразитот и дека нивните мерки го одложиле неговото пристигнување во САД за околу една година.
Министерката за земјоделство Брук Ролинс ги увери сточарите дека тимови на USDA веќе се во јужен Тексас за да помогнат во справувањето со ситуацијата и ги повика на зголемена внимателност.
Сепак, дел од локалните власти го критикуваат федералниот одговор. Тексашкиот комесар за земјоделство Сид Милер оцени дека Министерството реагирало предоцна и премногу се потпрело на методот со стерилни муви, за кој, според него, ќе бидат потребни години за целосна примена.