Оксфорд тестира вакцина против реткиот сој на ебола вирус

Универзитетот во Оксфорд започнува клинички испитувања од прва фаза врз здрави возрасни лица за да ја провери безбедноста на првата вакцина против Бундибуџо еболавирус. Истражувањето доаѓа во критичен момент додека оваа ретка и опасна мутација на вирусот продолжува рапидно да се шири низ Конго и Уганда, предизвикувајќи стотици жртви.

Научниците од Универзитетот во Оксфорд започнуваат со тестирање на првата вакцина во светот против сојот Бундибуџо ебола. Оваа итна медицинска реакција доаѓа во време кога епидемијата на овој редок вирус продолжува незапирливо да се шири низ Демократската Република Конго и Уганда. Оксфордската вакцинска група веќе ја лансираше првата фаза од клиничките испитувања на луѓе со цел да се најде долгорочно решение за опасната зараза.

Оваа прва фаза од клиничкото тестирање ќе се спроведе во Велика Британија, при што детално ќе се оценува безбедноста и имунолошкиот одговор на вакцината. Во истражувањето ќе бидат опфатени 50 здрави возрасни доброволци на возраст меѓу 18 и 55 години. Претставниците од Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемии потенцираа дека секој чекор поблиску до безбедна вакцина ја зајакнува глобалната способност за заштита на ранливите заедници и ставање на епидемијата под контрола.

Оксфордскиот тим веќе активно регрутира волонтери за студијата, кои во следните недели ќе ја примат вакцината и ќе бидат под постојан медицински надзор. Паралелно со ова, научниците веќе подготвуваат дополнителни клинички студии кои ќе се спроведат директно во Уганда, штом ќе се добијат потребните регулаторни одобренија од тамошните здравствени власти.

Од Африканскиот центар за контрола и превенција на болести го поздравија брзиот научен напредок кој се води според највисоките безбедносни стандарди. Оттаму нагласуваат дека иако овие рани фази на клинички испитувања не можат веднаш да им помогнат на заедниците кои моментално се борат со заразата на терен, тие сепак се клучен дел од градењето на медицинските алатки за иднината.

Актуелната епидемија на Бундибуџо ебола што ги погоди Конго и Уганда се смета за една од најголемите досега евидентирани во историјата, а бројот на новозаразени сè уште расте. Црната статистика покажува дека само во Конго се потврдени речиси две илјади случаи и над 700 починати во неколку провинции. Во Уганда исто така се потврдуваат нови случаи, поради што голем број региони во овој дел на Африка се прогласени за зони од висок ризик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс