Околу 30.000 граѓани денеска се приклучија на акцијата за расчистување на јавните површини во Скопје, соопшти Град Скопје. Во акцијата учествуваа волонтери, млади, градоначалници, јавни личности и претставници на амбасади и институции.
Учесниците чистеа паркови, населби и други јавни простори низ градот. Од Градот истакнаа дека целта е, покрај расчистувањето, да се поттикнат трајни навики за одржување на чистотата и поголема одговорност кон заедничкиот простор.

„Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро“, се наведува во соопштението.
Град Скопје најави дека вакви акции ќе се организираат двапати месечно. Воедно, Градот упати апел до граѓаните да го почитуваат вложениот труд и да ја зачуваат чистотата на расчистените површини.
„Чистиот град започнува од нас – од грижата за сопствената улица, парк и маало“, порачаа од Градот и им се заблагодарија на сите учесници за ангажманот.