Големи шумски пожари избувнаа денеска на хрватскиот остров Корчула, откако гром предизвикал два одделни пожари на подрачјето меѓу Блато и Смоквица. Поради брзото ширење на огнот, хрватските служби мобилизираа големи противпожарни сили и воздушна поддршка.
Во гаснењето се вклучени три противпожарни авиони „Канадер“ (Canadair CL-415) и еден авион Air Tractor AT-802, кој бил пренасочен од редовна противпожарна патрола. Снимките објавени од Доброволното противпожарно друштво Смоквица покажуваат дека пожарот се шири со огромна брзина, а ситуацијата на теренот е оценета како сериозна.
Поради огнената стихија, затворен е државниот пат што ги поврзува Корчула и Вела Лука. Надлежните власти ги повикаа жителите и туристите да го избегнуваат подрачјето на интервенцијата и строго да ги следат упатствата на службите за итни случаи.
Според Хрватската противпожарна заедница (HVZ), дојавата за пожарот во близина на Блато била примена во 14:54 часот, по што веднаш биле испратени копнени и воздушни екипи.
Во меѓувреме, сериозна е состојбата и кај Примоштен, каде што пожарот е надвор од контрола и продолжува брзо да се шири. Засега нема информации за повредени лица или за оштетени станбени објекти, а пожарникарите продолжуваат со интензивната борба за ставање на огнот под контрола.