Жените во Авганистан се соочуваат со нова пречка во пристапот до здравствена заштита. Талибанските власти воведуваат неофицијални ограничувања со кои на машките лекари им се забранува да прегледуваат и лекуваат пациентки, освен под строго определени услови. Поради тоа, жени со сериозни здравствени проблеми остануваат без неопходна медицинска помош.
Истражување на британскиот „Гардијан“ и независниот медиум „Зан тајмс“, објавено на 12 ноември, открива дека ограничувањата се спроведуваат во повеќе авганистански провинции, иако не постои јавно објавена општа забрана.
Ја прекинале терапијата и ја испратиле дома
Триесет и седумгодишната Фарида, која со семејството се вратила од Иран во авганистанскиот град Херат, побарала стоматолошка помош поради силни болки во забите. По неколку посети, стоматологот требало да ја продолжи започнатата терапија, но наместо тоа ѝ било кажано да си оди дома.
Кога по два дена се јавила во ординацијата, добила објаснување дека повеќе не смеат да ја лекуваат бидејќи пристигнала наредба машките стоматолози да не примаат пациентки.
Три месеци подоцна, нејзиното лекување сè уште не било завршено.
Според сведоштвата собрани од новинарите, стоматолозите добиваат предупредувања дека можат да завршат во затвор доколку во нивните ординации бидат затекнати пациентки.
И за итна медицинска помош се бара машки придружник
Ограничувањата не се однесуваат само на стоматолошките услуги. Лекари од повеќе провинции сведочат дека не смеат директно да прегледуваат пациентки, дури и кога станува збор за итни случаи, освен ако се исполнети одредени услови, како присуство на машки старател или придружник, познат како „махрам“.
Хирург со 15-годишно искуство во јавна болница во северен Авганистан објаснува дека медицинскиот персонал се соочува со ограничувања независно од сериозноста на здравствената состојба на пациентката.
Во некои ординации лекарите ризикуваат казни доколку решат да им помогнат на жените. Вработена во стоматолошка ординација во Џалалабад раскажува дека одредени лекари поставуваат луѓе пред влезот за да предупредат доколку се појават претставници на талибанските власти.
Сè помалку лекарки, сè помалку можности за лекување
Проблемот дополнително се продлабочува поради ограничувањата за образованието и вработувањето на жените.
Од декември 2024 година, на жените им е забрането да се школуваат во медицинските образовни институции. Според сведоштвата на здравствени работници, во дел од болниците се ограничува и вработувањето нов женски медицински персонал.
Истовремено, и лекарските што продолжуваат да работат се соочуваат со ограничувања за движење и барања за машки придружник.
Така се создава ситуација во која пациентките не смеат слободно да се лекуваат кај машки лекари, а бројот на достапни лекарки е недоволен.
Жените се принудени да патуваат во други градови, да бараат помош од недоволно квалификувани лица или да останат без лекување.
Забрани што не се јавно објавени
Иако ограничувањата се применуваат во пракса, талибанските власти претходно изјавувале дека медицинските прегледи претставуваат исклучок од правилата за контакт меѓу мажи и жени.
Во февруари 2026 година, талибански претставник јавно изјавил дека машките лекари можат да се сметаат за дозволени придружници во контекст на лекувањето пациентки.
Сепак, сведоштвата на жените и медицинските работници укажуваат на поинаква состојба.
Новото истражување покажува дека ограничувањата на правата на жените во Авганистан повеќе не се однесуваат само на образованието, вработувањето и слободата на движење. Тие сè подиректно го погодуваат и пристапот до основна здравствена заштита.
