Денес се навршуваат 127 години од раѓањето на Ернест Хемингвеј, еден од најзначајните американски писатели на дваесеттиот век и добитник на Нобеловата награда за литература во 1954 година. Автор е на романите „Старецот и морето“, „Збогум оружје“ и „За кого бијат камбаните“, дела што трајно го обликувале модерниот прозен стил. Но зад препознатливата, испразнета реченица со која пишувал, стои живот исполнет со војна, авионски несреќи и приказни кои често звучат неверојатно дури и за самиот него.

Од Илиноис до фронтот во Италија
Ернест Милер Хемингвеј е роден на 21 јули 1899 година во Оук Парк, предградие на Чикаго, како второ од шест деца на лекарот Кларенс Хемингвеј и музичарката Грејс Хол Хемингвеј. Уште како момче, преку летата поминати во Мичиген, го научил ловот и риболовот, страсти што подоцна станале трајна тема во неговото творештво. По завршувањето на средното училиште во 1917 година, почнал да работи како новинар во весникот „Канзас Сити Стар“, каде го усвоил краткиот, јасен стил на пишување што подоцна ќе стане негов заштитен знак.
Следната година се пријавил како доброволен возач на амбулантно возило за Црвениот крст во Италија, во текот на Првата светска војна. Бил тешко ранет од минофрлачки оган и поминал месеци во опоравување, искуство што директно ќе го обликува подоцнежниот роман „Збогум оружје“.

Изгубениот куфер во Париз
Во дваесеттите години, Хемингвеј се преселил во Париз, каде станал дел од заедницата на американски писатели-емигранти, меѓу кои и Ф. Скот Фицџералд, кој подоцна станал негов пријател и своевиден ментор. Токму во тој период се случил еден од најчудните настани во неговиот живот, во 1922 година, неговата тогашна сопруга Хедли Ричардсон требало да му ги донесе на пат речиси сите негови ракописи од рани дела, спакувани во куфер. Куферот бил украден на железничката станица Гар де Лион во Париз, а со него засекогаш исчезнале и оригиналите и копиите на голем дел од она што Хемингвеј дотогаш го напишал. За писателот, чиј стил се темелел токму на прецизна, повеќекратна обработка на текстот, тоа значело речиси целосен почеток одново.
Две авионски несреќи за еден ден
Во 1954 година, само неколку месеци пред да ја добие Нобеловата награда, Хемингвеј преживеал нешто невообичаено дури и за неговиот живот полн со опасности, при патување низ Африка, неговиот авион се урнал, а следниот ден, авионот со кој требало да го евакуираат од местото на несреќата, исто така се урнал. По втората несреќа, весниците веќе го објавиле неговото име во некролози, верувајќи дека загинал – Хемингвеј, наводно, со задоволство ги читал сопствените некролози откако успеал да стигне до најблиското населено место. Од двете несреќи излегол со сериозни повреди, кои никогаш целосно не ги надминал.

Писателот како можен шпион
Помалку познат дел од животот на Хемингвеј е неговата наводна врска со советската разузнавачка служба. Според подоцна откриени документи, тој бил регистриран под шифрирано име и замолен да известува за политички случувања забележани за време на неговите патувања низ светот. Не постојат докази дека некогаш пренел некоја значајна информација, а историчарите оваа епизода најчесто ја толкуваат како краток и во голема мера неуспешен обид за соработка, наспроти вистинска шпионска кариера.
Во меѓувреме, неговата новинарска работа била многу поплодна, ја покривал Шпанската граѓанска војна, а подоцна и Втората светска војна, вклучувајќи ги искрцувањето во Нормандија и ослободувањето на Париз, град во кој дваесетина години порано ги напишал своите први приказни.
Нобеловата награда и последните години
Врвот на неговата кариера дошол во 1952 година со објавувањето на „Старецот и морето“, кратка проза за старец-рибар и неговата борба со огромна риба марлин крај брегот на Куба. Делото му донело Пулицерова награда во 1953 година, а веднаш потоа и Нобелова награда за литература во 1954 година, со образложение за „мајсторството во раскажувањето“ и влијанието што го извршил врз современиот стил на пишување.
И покрај меѓународното признание, последните години од животот на Хемингвеј биле обележани со здравствени проблеми и депресија, делумно последица и на повредите од авионските несреќи. Починал во 1961 година во Кечум, Ајдахо. Неговиот татко, исто така, си го одзел животот години порано – трагичен образец што, за жал, се повторил и во следните генерации на семејството.

Љубовниот живот на Хемингвеј“
Жените имаа централно место во животот на Ернест Хемингвеј, како сопатнички, инспирација, но и како сведоци на неговиот сложен карактер. Писателот бил женет четири пати, а секоја од неговите сопруги била независна и успешна жена која оставила сопствен печат во неговиот живот и работа.
Првата голема љубов на Хемингвеј била Агнес фон Куровски, медицинска сестра која ја запознал во Италија за време на Првата светска војна, додека се опоравувал од повредите здобиени како доброволен возач на амбулантно возило. Нивната врска не завршила со брак, но искуството подоцна ќе стане инспирација за ликот на Кетрин Баркли во романот „Збогум оружје“.
Во 1921 година се оженил со Хедли Ричардсон, неговата прва сопруга, со која ги поминал клучните години во Париз како дел од таканаречената „изгубена генерација“ писатели. Хедли била покрај него во периодот кога се оформувал неговиот книжевен стил, но нивниот брак се распаднал откако Хемингвеј започнал врска со нејзината пријателка и новинарка Полин „Фајф“ Фајфер. Разводот бил финализиран во 1927 година, а само неколку месеци подоцна Хемингвеј се оженил со Полин.
Полин Фајфер била негова втора сопруга и со неа Хемингвеј живеел во Флорида и Куба. Таа му била голема поддршка во периодот кога ја градеl својата книжевна кариера, а бракот траел повеќе од десет години. Сепак, и оваа врска завршила кога во неговиот живот се појавила нова жена , писателката и воена новинарка Марта Гелхорн.
Гелхорн не била само сопруга на Хемингвеј, туку и значајна авторка и една од најпознатите воени дописнички на XX век. Двајцата се запознале во 1936 година, за време на Шпанската граѓанска војна, каде и двајцата известувале. Се венчале во 1940 година, но нивниот брак бил нарушен и од професионалната конкуренција и од различните амбиции. Гелхорн подоцна ќе остане запаметена како една од најзначајните новинарки на својата генерација, независно од бракот со Хемингвеј.

Последната сопруга на Хемингвеј била Мери Велш, новинарка која ја запознал во Лондон во 1944 година. Се венчале во 1946 година и останале заедно до неговата смрт во 1961 година, најдолгиот од неговите четири бракови. Таа останала покрај него во последните години, обележани со сериозни здравствени проблеми и нарушено ментално здравје.
Љубовниот живот на Хемингвеј често се гледа како продолжение на неговата литература, исполнет со страст, авантури, конфликти и загуби. Жените во неговиот живот не биле само инспирација за неговите книжевни ликови, туку и личности со сопствени приказни, кариери и амбиции, кои оставиле трага врз еден од највлијателните писатели на XX век.
Последната муза: Адријана Иванчич и љубовта што го инспирираше Хемингвеј
Во последните години од својот живот, кога Хемингвеј веќе бил светски познат писател, во неговиот живот се појавила Адријана Иванчич, млада Венецијанка која ќе стане негова последна голема муза. Ја запознал во 1948 година во Венеција, за време на престојот во Италија со неговата четврта сопруга Мери Велш. Иванчич тогаш имала 18 години, а Хемингвеј бил речиси триесет години постар.
Нивниот однос останува една од најдискутираните епизоди од неговиот живот. Дел од биографите го опишуваат како длабока, но платонска приврзаност, додека други укажуваат дека чувствата на Хемингвеј кон младата Италијанка биле многу посилни. Познато е дека тој ѝ пишувал писма, ја посетувал во Венеција и дека нејзиниот лик го преточил во ликот на Рената во романот „Од другата страна на реката, под сенката на дрвјата“ („Across the River and Into the Trees“), објавен во 1950 година.
Адријана имала влијание и врз визуелниот идентитет на неговите дела, го нацртала дизајнот за корицата на првото издание на романот „Од другата страна на реката, под сенката на дрвјата“. Таа била присутна и во периодот кога Хемингвеј го пишувал „Старецот и морето“, делото што ќе му ја донесе Пулицеровата награда и ќе придонесе за неговата Нобелова награда за литература во 1954 година.

Приказната за нивниот однос повторно привлече внимание со книгата „Autumn in Venice: Ernest Hemingway and His Last Muse“ од италијанскиот писател Андреа ди Робиљант, објавена во 2018 година. Книгата ја реконструира нивната повеќегодишна поврзаност преку писма, сеќавања и биографски материјали, прикажувајќи ја Иванчич како жена која оставила силен печат врз последната творечка фаза на Хемингвеј.
Адријана подоцна ќе напише и свои мемоарски записи за периодот со Хемингвеј, меѓу кои книгата „La torre bianca“ („Белата кула“) од 1980 година, во која се осврнува на нивниот однос и влијанието што тој го имал врз нејзиниот живот.
Наследство што надживеа сè
По неговата смрт, објавени се три дополнителни романи и мемоарот „Подвижен празник“, во кој раскажува за годините поминати во Париз и средбите со писателите од таканаречената „изгубена генерација“. Делата како „Старецот и морето“, „За кого бијат камбаните“ и „Збогум оружје“ остануваат дел од светската книжевна класика, а неговиот минималистички стил – познат како „теоријата на ледениот брег“, според која најголемиот дел од значењето останува скриен под површината на текстот – извршил огромно влијание врз генерации писатели.
Хемингвеј не оставил трага само во литературата, туку и во популарната култура. Неговиот живот исполнет со војни, патувања, љубови, лов и авантури со текот на времето создаде мит околу неговата личност, понекогаш речиси подеднакво силен како и неговото книжевно наследство. Денес, 127 години по неговото раѓање, тој останува еден од најпреведуваните и највлијателните автори на дваесеттиот век, чиј едноставен, но длабок стил продолжува да се изучува и имитира низ светот.