Од полициска акција во Бијељина до финале на Мундијалот: Словенецот Славко Винчиќ ќе ја дели правдата меѓу Аргентина и Шпанија

Словенечкиот арбитер Славко Винчиќ ќе стане првиот Словенец што ќе суди финале на Светско првенство, иако неговата кариера пред години беше засенета од полициска акција во БиХ
EPA/BENJAMIN FANJOY

Словенечкиот фудбалски судија Славко Винчиќ (46) ќе ја има најголемата чест во својата кариера – ќе биде главен арбитер на финалето на Светското првенство 2026 меѓу Аргентина и Шпанија, потврди ФИФА. Со тоа Винчиќ ќе стане првиот Словенец во историјата што ќе суди финале на Мундијалот и 23. судија кој ја добил оваа улога во историјата на најголемото фудбалско натпреварување.

Неговиот пат до светската сцена, сепак, не бил без турбуленции. Пред шест години неговото име се најде во медиумите по полициска акција во Босна и Херцеговина поврзана со случајот на српската старлета Тијана Максимовиќ, позната како Тијана Ајфон.

Богата судиска кариера

Винчиќ веќе има големо меѓународно искуство. Судел на Европското првенство во 2020 година, а во 2022 година го водеше финалето на Лига Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс. Во 2024 година ја доби довербата да суди финале на Лигата на шампионите меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, а беше дел и од Европското првенство 2024, каде го судеше полуфиналето меѓу Франција и Шпанија.

Ова ќе му биде второ Светско првенство. На Мундијалот во Катар во 2022 година судеше два натпревари, а на турнирот во 2026 година ги водеше дуелите Бразил – Мароко, Јордан – Алжир и Мексико – Еквадор.

Што се случи во Бијељина во 2020 година?

Во мај 2020 година, Винчиќ беше приведен во рамки на полициската акција „Кристал“ во Бијељина, која беше спроведена поради сомневања за организирана проституција, трговија со дрога и нелегално поседување оружје. Во акцијата беа приведени повеќе лица, а полицијата тогаш соопшти дека биле пронајдени кокаин, оружје, заштитни елеци и поголема сума пари.

Медиумите објавија дека меѓу приведените била и Тијана Максимовиќ – Тијана Ајфон, која подоцна призна вина за меѓународно поттикнување проституција. Винчиќ, сепак, тврдеше дека немал никаква поврзаност со осомничените и дека бил повикан на приватен настан без да знае кој ќе биде присутен.

„Најголемата грешка во мојот живот“

Во интервју за словенечкиот портал 24ur.com, Винчиќ изјави дека случајно се нашол на местото и дека бил испрашан само како сведок.

„Бев на службено патување во Босна и Херцеговина, каде имав деловен состанок. По тој состанок прифатив покана која, како што се покажа, беше најголемата грешка во мојот живот и за која жалам“, изјави тој.

Тој додаде дека не ги познавал лицата кои подоцна биле задржани и дека по разговорот со полицијата бил пуштен. Против Винчиќ никогаш не беше поднесено обвинение.

Од скандал до најголемата сцена

Неколку години подоцна, Винчиќ успеа целосно да го врати фокусот на својата судиска кариера и да стигне до најголемиот натпревар во светскиот фудбал. На 19 јули тој ќе го суди финалето на Мундијалот меѓу Аргентина и Шпанија, натпревар кој ќе одлучи кој ќе стане светски шампион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс