Од мраз до лето за неколку дена: Нагло затоплување, па пресврт со невреме низ Македонија

По екстремно студен почеток на мај со мраз и штети врз овошките, следува нагло затоплување до 25°C, а потоа и дестабилизација со поројни врнежи, грмежи и локално невреме.

По невообичаено студениот старт на мај, со утрински температури под нулата и појава на мраз во голем дел од земјата, временската слика во Македонија влегува во нагла и динамична промена. Само неколку дена по температурите кои на места се спуштија и до -4 степени, следува брз премин кон вистински пролетни, па дури и рано-летни вредности.

Утрото на 2 мај донесе сериозен студен бран, со минусни температури во повеќе региони. Најниски вредности беа измерени во Берово, додека и во Скопје, на Петровец, температурата се спушти под нулата. Овие услови предизвикаа појава на мраз и слана, што веќе резултираше со првични дојави за штети врз овошните насади, особено кај кајсиите и праските во Росоман. Реалниот обем на штетите допрва ќе се проценува во деновите што следуваат.

Но, овој студен период ќе биде краткотраен. Веќе од почетокот на новата седмица, од 4 мај, времето значително ќе се стабилизира. Понеделник и вторник ќе донесат претежно сончево и мирно време, со слаб ветер и изразен пораст на дневните температури. Во поголем дел од земјата тие ќе достигнуваат, па и ќе надминуваат 20 степени.

Вистинскиот температурен пресврт ќе се почувствува особено во Повардарието и југоисточните предели, каде вредностите постепено ќе се приближуваат, а локално и ќе надминуваат 25 степени. Дополнително, ќе се зголемат и утринските температури, што значи дека ризикот од нови мразеви практично исчезнува.

Сепак, стабилното и топло време нема да се задржи долго. Веќе од среда (6 мај), атмосферата ќе започне постепено да се дестабилизира. Кулминацијата на оваа промена се очекува кон крајот на работната недела, особено во четврток и петок, кога ќе се создадат услови за развој на конвективни облачни системи.

Ова значи појава на поројни врнежи од дожд, грмежи, засилен ветер, а локално и невреме. Ваквите појави ќе бидат нерамномерно распределени, што значи дека некои подрачја може да бидат погодени поинтензивно, додека други ќе поминат со краткотрајни врнежи.

Оваа брза транзиција од утрински мраз до температури над 25 степени, а потоа и кон нестабилно време – е типичен пример за пролетната атмосферска динамика, но и потсетник за сè поизразените временски екстреми. За земјоделците, пак, ова значи дополнителна неизвесност, особено по веќе регистрираните штети од студот.

Следните денови ќе бидат клучни и за временската стабилизација, но и за проценка на последиците од овој нагол временски пресврт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни