Од моралните дилеми на уметниците до животот на жените во патријархатот: „Улис“ гостува на „Рута“

На вториот ден од регионалниот театарски фестивал во Драмски театар, публиката ќе ги гледа драмата „На чија страна“ и монодрамата „Земја на волците“, која ги отвора прашањата за традицијата, осаменоста и притисокот на малата средина.

Две претстави што отвораат различни, но подеднакво актуелни општествени прашања се на програмата на вториот ден од регионалниот театарски фестивал „Рута“ во Драмски театар. Театар „Улис“ од Бриони гостува со драмата „На чија страна“, во режија на Ленка Удовички, и монодрамата „Земја на волците“, која се занимава со положбата на жената во патријархалната средина.

„На чија страна“: Каде завршува уметноста, а почнува одговорноста?

Драмата „На чија страна“, копродукција на Театар „Улис“ од Бриони и Сараевскиот воен театар САРТР, ќе биде изведена вечерва во 20 часот. Режијата е на Ленка Удовички, а автор на текстот е Роналд Харвуд.

Дејството се случува во Берлин во 1946 година. Пред мајорот Арнолд, истражител во процесот на денацификација, е изведен Вилхелм Фуртвенглер, еден од најзначајните диригенти на 20 век. Неговата уметничка големина се соочува со прашањето за моралната одговорност и односот кон политичката власт во времето на нацизмот.

Сместена во град разурнат од сојузничките бомбардирања, драмата не нуди едноставни одговори. Таа го преиспитува односот меѓу уметноста и политиката, моралните компромиси и човечката потреба да се оправдаат сопствените постапки во околности кога секој избор има последици.

Во претставата играат Озрен Грабариќ, Матеа Маврак, Џана Џаниќ, Албан Укај, Давор Сабо и Светозар Цветковиќ, а на сцената настапува и виолончелистката Белма Алиќ. Претставата трае два часа и 35 минути.

„Земја на волците“: Три жени заробени во прашањето „Што ќе речат луѓето?“

Претходно, во 17 часот, во рамките на програмата „Монорута“, Театар „Улис“ ќе ја изведе монодрамата „Земја на волците“, по текст на Тонка Мршиќ и Гала Николиќ, која е и режисерка на претставата.

Со елементи на црна комедија и апсурд, претставата го поставува прашањето што значи да се биде жена во мала средина како Лика, но и во поширокиот хрватски контекст.

Преку судбините на три Личанки во различни животни периоди, авторките ги истражуваат општествените норми што ги обликуваат животите на жените. Во фокусот се патријархатот, традиционализмот, положбата на жената во бракот, правото на избор, осаменоста и последиците од војната.

Особено место зазема притисокот на средината, сумиран во реченицата „А што ќе речат луѓето?“ — прашање што често ги ограничува личните одлуки и ја отежнува можноста поединецот да се ослободи од наметнатите очекувања.

Претставата содржи и автобиографски елементи, а трае еден час.


Фестивалот „Рута“ беше отворен синоќа со гостувањето на Белградскиот драмски театар и претставата „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ. Со двете претстави на „Улис“, денешната програма ги поврзува историските морални дилеми со прашањата за родовите улоги, слободата и притисокот на заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс