Од Макинтош до Ајфон: Како визијата на Стив Џобс ја смени технологијата

Напушти колеџ за да изгради технолошки гигант, доби отказ од сопствената фирма, па се врати и создаде уреди без кои денес не функционираме.
Фото: Tom Coates

Стив Џобс ја преобликуваше глобалната потрошувачка технологија преку развојот на личните компјутери, дигиталната анимација и паметните телефони. Соосновачот на Епл, кој почина во октомври 2011 година по долга борба со рак на панкреасот, остави зад себе уреди како Макинтош и Ајфон што поставија стандарди за графичките интерфејси и мобилната комуникација. Неговиот пат вклучуваше рани почетоци во Силициумската долина, отказ од сопствената компанија и враќање со кое Епл стана технолошки лидер.

Стивен Пол Џобс е роден во Сан Франциско во 1955 година, а израснал во Маунтин Вју кај посвоителите Пол и Клара Џобс. По завршувањето средно училиште се запишал на колеџот Рид во Орегон, но го напуштил формалното образование по само еден семестар. Сепак, останал да посетува одбрани предавања, меѓу кои и часови по калиграфија. Тоа искуство подоцна директно влијаеше врз воведувањето различни фонтови и типографија кај компјутерите Макинтош.

Во 1976 година, заедно со Стив Вознијак и Роналд Вејн, Џобс ја основа компанијата Епл. Нивниот прв производ, Епл 1, бил наменет за ентузијасти. Вистинскиот пробив на пазарот следуваше со моделот Епл 2, кој стана еден од првите масовно прифатени лични компјутери за пошироката јавност.

Џобс на почетокот на 1980-тите го препозна потенцијалот на графичкиот интерфејс што го развиваше истражувачкиот центар Ксерокс Парк. Тоа доведе до лансирање на моделот Лиза, а потоа и на Макинтош во 1984 година. Тоа беше првиот комерцијално успешен компјутер со глувче и визуелен графички приказ. Сепак, тензиите и конфликтите во раководството резултираа со негово заминување од фирмата во 1985 година.

По заминувањето основаше нова компјутерска компанија, Некст, насочена кон образованието и бизнис-секторот. Иако хардверот беше напреден, продажбата одеше тешко. Во истиот период, во 1986 година, Џобс го купи одделот за компјутерска анимација од Лукасфилм и го преименува во Пиксар. Студиото во 1995 година го објави „Приказна за играчките“ (Toy Story), првиот целосно компјутерски анимиран долгометражен филм во светот.

Епл го купи Некст во 1997 година, по што Џобс се врати во матичната компанија, прво како привремен, а потоа и како постојан извршен директор. Следуваше серија комерцијално успешни производи: компјутерот Ајмек, музичкиот плеер Ајпод, таблетот Ајпад и мобилниот телефон Ајфон.

Клучниот момент за пазарот на телефони се случи на 9 јануари 2007 година во Сан Франциско, на саемот Мекворлд Експо. Џобс тогаш пред публиката најави дека претставува три одделни производи: широк Ајпод со екран на допир, мобилен телефон и интернет-комуникатор. На крајот откри дека станува збор за еден единствен уред, наречен Ајфон, со што ги постави темелите на модерниот паметен телефон.

Џобс во 2003 година дозна дека боледува од редок облик на рак на панкреасот. И покрај тешката дијагноза и здравствените проблеми, тој продолжи да раководи со компанијата во текот на целата следна деценија.

Функцијата главен извршен директор ја напушти во август 2011 година, кога здравствената состојба му се влоши. Почина на 5 октомври 2011 година во Пало Алто, Калифорнија, на 56-годишна возраст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс