Од Македонија до Лос Анџелес: „Приказната за Силјан“ со две номинации за Еми наградите

Документарниот филм во режија на Тамара Котевска беше единственото остварување од неамериканска продукција номинирано во своите категории

Од малата Македонија до Лос Анџелес, патот на документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, одамна ги надмина границите на една филмска продукција. Филмот годинава беше единственото остварување од неамериканска продукција меѓу номинираните во своите категории на Emmy Awards, со две номинации – за Exceptional Merit in Documentary Filmmaking и Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program.

Во двете категории „Приказната за Силјан“ се најде во директна конкуренција со американски продукции. Особено значајна беше номинацијата за Exceptional Merit in Documentary Filmmaking, каде што филмот беше еден од само двата номинирани филма, додека во категоријата Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program беше меѓу петте избрани остварувања.

Наградите во двете категории им припаднаа на американски продукции.

Успехот има уште поголема тежина ако се има предвид дека доаѓа од мала земја и мала филмска индустрија, која не располага со буџетите и продукциските услови на најголемите светски кинематографии. Токму затоа, фактот што македонски филм стигна до две номинации за Еми е значајно признание за македонската кинематографија.

Од македонските села и пејзажи, преку светските фестивали и National Geographic, до црвениот тепих во Лос Анџелес, „Приказната за Силјан“ покажа дека една локална приказна може да стигне до светската публика.

„Тоа што ќе го донесеме дома од Еми наградите е едно незаборавно искуство од еден од најголемите светски настани по Оскарите, меѓународно признание, нова видливост за македонскиот филм и доказ дека границите на една мала земја не мора да бидат и граници на нејзините приказни“, изјави Тамара Котевска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс