„Од каде сега феминативи?“ – отворена дискусија за јазикот, родот и општествените промени

Настанот на „Зборци“ ќе отвори дебата за употребата на феминативите во македонскиот јазик и нивното место во секојдневниот говор.

Дали е чудно да се каже антропологинка, етнологинка или гинекологинка? Одговорите на овие и многу други прашања ќе бидат во фокусот на дискусијата „Од каде сега феминативи?“, што ќе се одржи на 4 јуни во Лабораториум со почеток во 19 часот.

Иницијативата „Зборци“ организира отворена дискусија посветена на феминативите и нивната улога во современиот македонски јазик. Настанот ќе отвори разговор за тоа колку сме подготвени да ги менуваме јазичните навики и како зборовите влијаат врз начинот на кој ја разбираме и обликуваме реалноста.

Дискусијата ќе се одвива во два правци. Првиот ќе се осврне на општествените аспекти на јазикот, односно на местото на феминативите во речниците, нивната употреба во секојдневниот говор и причините поради кои одредени форми полесно се прифаќаат од други. Вториот дел ќе биде посветен на практичните прашања поврзани со професионалните називи. Зошто дипломите најчесто се издаваат со називи во машки род? Зошто зборови како „домаќинка“ или „слугинка“ се прифатени без отпор, додека називи како „антропологинка“ или „етнологинка“ често предизвикуваат дебата?

На настанот ќе се обратат проф. д-р Симон Саздов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, етнологинката и антропологинка Јана Коцевска и македонистката и лекторка Татјана Б. Ефтимоска. Организаторите најавуваат отворен разговор во кој публиката ќе има можност активно да се вклучи и да придонесе кон дебатата за јазикот, родот и општествените промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс