„Од каде сега феминативи?“: Отворена дискусија за јазикот што ја менува реалноста

На 4 јуни во „Лабораториум“ ќе се разговара за феминативите, јазичните навики и прашањето зошто некои женски форми на професии звучат природно, а други сè уште предизвикуваат отпор.

Зборовите не се само граматика, тие се начин на кој ја гледаме реалноста. Токму затоа, на 4 јуни во „Лабораториум“ ќе се одржи отворена дискусија на тема „Од каде сега феминативи?“, посветена на женските форми на професии, јазичните навики и тоа како говорот влијае врз општествената видливост.

Настанот го организираат „Зборци и зборки“, а разговорот ќе се движи во два правци: општествен и практичен. Првиот ќе отвори прашања за тоа како зборовите ја создаваат, менуваат и обликуваат реалноста, како речниците ги третираат феминативите и зошто одредени форми полесно се прифаќаат од други.

Зошто „домаќинка“ е нормално, а „антропологинка“ чудно?

Практичниот дел од дискусијата ќе се задржи на секојдневната употреба на феминативите. Зошто жените и девојките често добиваат професионални називи во машки род? Зошто дипломите се издаваат со професионален назив во машка форма, иако македонскиот јазик дозволува именките што означуваат вршители на дејство да се менуваат по род?

Едно од прашањата што ќе се отвори е и зошто зборови како „домаќинка“ или „слугинка“ не предизвикуваат двоумење, додека „антропологинка“, „етнологинка“ или „гинекологинка“ често звучат како нешто ново, необично или спорно.

На настанот ќе се обратат проф. д-р Симон Саздов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Јана Коцевска, етнологинка и антропологинка, и Татјана Б. Ефтимоска, македонистка и лекторка.

Дискусијата ќе се одржи во четврток, 4 јуни, со почеток во 19 часот во „Лабораториум“. Организаторите најавуваат отворен разговор во духот на слободата, со можност дискусијата да тргне и во свој автентичен правец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс