Од „Фала, учителке“ до развод: што се случува во една родителска Вибер група за само неколку часа

Почнува со тетратка по природа, а завршува со зимски гуми, норвешка временска прогноза, педијатарка, торти и домашни јајца


Постои едно место каде што информацијата никогаш не останува само информација. Родителската Вибер група. Учителката ќе напише дека утре треба да се донесе тетратка по природа. Една реченица. Ништо драматично. Но родителите имаат потреба да ѝ дадат социјален контекст.

Прво следуваат благодарностите. „Фала“, „фала многу“, „фала, учителке“, па уште едно „фала од срце“, за секој случај. Некој ќе додаде цвеќенце, некој срце, некој ќе се јави два часа подоцна за да извести дека дури сега ја видел пораката.

А потоа доаѓа првото вистинско прашање: Која тетратка?

Иако пишува „тетратка по природа“, потребна е дополнителна експертиза. Голема или мала? Со линии или коцки? Што кажала учителката минатата недела?

Тука обично се појавува Тони. „Мој Тони вика дека може мала.“ Тони има седум години. Не знае каде му е јакната, редовно ја губи острилката, но неговото мислење во тој момент има тежина на официјално соопштение.

Додека родителите ја решаваат тетратката, некој ќе забележи дека го нема сивиот дуксер на Лука. И почнува истрага. Кој го видел? Кај кого е? Дали некој случајно го зел? Се проверуваат торби, гардероби и детски ранци. На крај, половина група практично има дадено алиби за дуксер од дванаесет евра.

И тамам кога ќе се најде или ќе се отпише дуксерот, разговорот ќе продолжи кон костени за ликовно. Од костени се стигнува до Водно. Од Водно до улицата. Од улицата до технички преглед. Од техничкиот до регистрација. А од регистрацијата, нормално, до зимски гуми.

За десет минути во родителската група веќе имате понуда за четири половни гуми, прашање дали се на бандажи и совет од некој чиј маж „баш вчера бил на технички“.

Школото одамна го нема. Но групата живее. Следна тема: времето. „Слушнавте ли дека од викендот заладува?“

И ете нè кај временската прогноза. Еден гледа во апликација, друг во УХМР, трет во норвешкиот метеоролошки сервис како лично да има договор со Осло за ексклузивни податоци за Скопје.

Некој ќе спомне дека лани сите биле болни. И тоа е доволно за групата да влезе во медицински режим.

„Нешто пак кружи.“ Што кружи? Никој не знае. Ама кружи.

Некое дете кашла, друго има температура, трето било кај педијатар. Се разменуваат искуства, препораки и имиња на лекари. И тогаш, сосема природно, некој ќе праша:

„А знаете дека педијатарката се развела?“ Тука школската група официјално ја напушта орбитата.

Луѓе кои пред два часа не биле сигурни која тетратка му треба на сопственото дете, сега имаат прецизни информации за приватниот живот на жена која можеби никогаш не ја виделе. Во 22:06 администраторот ќе се обиде да ја врати цивилизацијата: „Ве молам групата да се користи исклучиво за информации поврзани со училиштето.“

И сите ќе се согласат. „Така е.“ „Апсолутно.“ „И јас сум за.“ „Се согласувам.“

Уште дваесет пораки за да се потврди дека не треба да има повеќе пораки.

А потоа, во 22:48, некој ќе праша дали знае некој жена што прави убави торти. И повторно сме во бизнис. Седум препораки. Две расправии околу цената. Една мајка што тврди дека кај едната „става премногу маргарин“. Друг знае жена што продава домашни јајца. Никој повеќе не знае како стигнавме од тетратка по природа до кокошки.

Извор ФБ

Но тоа е магијата на родителската Вибер група. Таму една информација никогаш не оди по права линија. Таа се размножува.

Скока од тема на тема. И на крајот, во 00:03, мајка која цела вечер била на работа конечно ќе го отвори телефонот и ќе види 284 непрочитани пораки.

Ќе скрола. Тетратка. Дуксер. Костени. Водно. Регистрација. Гуми. Време. Вироза. Педијатарка. Развод. Торти. Јајца. И, очајна, ќе напише:

„Извинете, не стигнав сè да прочитам. Што треба да имаат децата утре?“

Одговорот доаѓа веднаш.

„Тони вели дека не треба ништо.“

И тука, после цел ден истраги, анализи, прогнози, препораки и колективно мешање во туѓи животи, повторно му веруваме на Тони. Тони има седум години. Јакната му е во школо. Острилката му е исчезната.

Ама Тони знае. И можеби токму затоа родителската Вибер група сè уште функционира. Не затоа што некој навистина знае што се случува.

Туку затоа што секогаш има некој што вели: „Мој Тони вика…“

е-Трн да боцка во твојот инбокс