Од 1 октомври Хрватите ќе знаат дали ги „одрале“ на шопинг

Од 1 октомври купувачите во Хрватска ќе добијат нов начин да проверуваат дали одреден производ или услуга поскапел.

Покрај актуелната цена, трговците и давателите на услуги ќе мора да прикажуваат и „сидрена цена“ – онаа што важела на 10 септември 2026 година за новоопфатените производи и услуги.

Тоа значи дека купувачот веднаш ќе може да види дали нешто што денес чини 24 евра, пред неколку недели чинело 20.

Правилото ќе важи за широк спектар производи и услуги – од облека, обувки, техника и мебел до фризерски, угостителски, занаетчиски и сервисни услуги.

За дел од производите, меѓу кои храната, пијалаците, козметиката и средствата за чистење, ќе остане да важи претходната референтна цена од 2 мај 2025 година.

Цените ќе се следат и онлајн

Новитет е што компаниите со сопствени веб-страници ќе мора да ги објавуваат ценовниците и во CSV или XML формат, што овозможува компјутерски системи автоматски да ги собираат и споредуваат цените.

Претходните ценовници ќе мора да останат јавно достапни најмалку 30 дена.

Тоа отвора можност за апликации и веб-страници преку кои граѓаните ќе можат полесно да следат каде е најевтино, кога е сменета цената и колку навистина поскапел одреден производ.

Мерката не ги спречува трговците да ги зголемуваат цените – но од 1 октомври потрошувачите многу полесно ќе можат да видат колку навистина поскапело она што го купуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс