ДакДакГо претстави „обични“ очила како критика на вештачката интелигенција

ДакДакГо претстави класични сончеви очила без батерија, електроника и вештачка интелигенција како порака за поголема заштита на приватноста.

Наместо паметни функции, новите очила немаат батерија, електроника или поврзување со вештачка интелигенција, а токму тоа е нивната главна порака.

Компанијата ДакДакГо претстави необичен производ како одговор на сè поголемата интеграција на вештачката интелигенција во секојдневните уреди. Станува збор за класични сончеви очила чија најважна карактеристика е тоа што немаат никакви паметни функции.

Очилата се создадени во соработка со брендот Нокаундараунд и имаат мат црна рамка, поларизирани стакла и целосна УВ400 заштита. Немаат батерија, електронски компоненти, надворешно напојување ниту каква било интеграција со вештачка интелигенција.

Цената изнесува 35 американски долари, односно околу 30 евра. Од ДакДакГо велат дека производот претставува сатиричен одговор на технолошките компании кои сè почесто вградуваат камери и други функции за следење во секојдневните предмети.

Компанијата ја поврзува оваа иницијатива со својата поширока политика за заштита на приватноста. Според неа, дел од корисниците сè повеќе бараат уреди што не собираат податоци и не се поврзани со дигитални асистенти.

Иако првично изгледаа како маркетиншки потег, очилата биле распродадени за само неколку дена. Од компанијата потврдија дека е продаден значаен дел од залихите, но засега не објавија точни бројки.

ДакДакГо има сличен став и кон интеграцијата на вештачката интелигенција во интернет-пребарувањето. По анкета во која мнозинството корисници се изјасниле негативно за таквата интеграција, компанијата одлучила функциите поврзани со вештачката интелигенција да ги задржи на одделна страница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс