Кале, Акведукт и Универзална сала: Скопје ќе ги обновува симболите на градот за Европска престолнина на културата

Во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, најавени се ревитализација на Калето, конзервација на Акведуктот и реконструкција на Универзалната сала.

Ревитализација на скопското Кале, конзервација на Акведуктот и реконструкција на Универзалната сала се меѓу клучните проекти кои треба да се реализираат во рамките на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028″. Тоа го најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови”.

Љутков истакна дека Владата издвоила 20 милиони евра за проектот, нагласувајќи дека инвестициите ќе имаат долгорочен ефект врз културната и урбаната инфраструктура на главниот град. „Ова што го градиме не е само за 2028 година – тоа е процес кој треба да остави трага долго потоа”, рече министерот, додавајќи дека поддршката е институционална, финансиска и политичка.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја нарече титулата историска можност за суштинска трансформација на градот, а не само за зголемување на бројот на настани. Тој најави дека културата ќе стане вистинска јавна инфраструктура – достапна низ целиот град, преку локални културни центри, квартовски библиотеки, мали сцени и младински хабови. „Вистински добар град е оној во кој луѓето сакаат да останат”, порача Ѓорѓиевски.

На конференцијата зборуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас, кој ја поддржа досегашната работа на Скопје, потенцирајќи дека културата е катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија. Тој нагласи дека истражувањата покажуваат дека силната културна сцена придонесува за намалување на омразата, популизмот и дезинформациите.

Во рамките на настанот беа потпишани и пет меморандуми за соработка. Три се со Факултетот за урбанизам при Универзитетот во Лунд, Универзитетот во Солун и Политехничкиот универзитет во Торино, со цел стручна поддршка при изработката на 20-годишната стратегија за урбан развој на Скопје. Останатите два се потпишани со градовите Матера (Италија) и Валета (Малта), поранешни европски престолнини на културата,кои ќе ги споделат своите искуства и добри практики.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни