Драма се одвивала на летот на авиокомпанијата „Флајдубаи“ кон Тел Авив откако копилотот физички го нападнал капетанот со намера да го урне авионот. Инцидентот се случил во воздушниот простор над Саудиска Арабија, каде што брзата реакција на екипажот и неколку патници спречила рушење на леталото пред израелските воени сили да подигнат борбени авиони за пресретнување.
Инцидентот започнал ненадејно додека авионот се наоѓал на редовна линија од Обединетите Арапски Емирати кон израелскиот главен град. Според извештаите за летот, вториот пилот неочекувано станал агресивен и се обидел со сила да ги преземе командите за да го насочи леталото кон земја.
Капетанот веднаш пружил отпор, по што во пилотската кабина настанала жестока физичка пресметка. На помош на капетанот му притекнале членови на кабинскиот персонал, како и патници кои слушнале врева и сфатиле дека во авионот се одвива криза. Заеднички успеале да го совладаат копилотот и физички да го врзат на седиште до крајот на летот.
Контролата на летање добила сигнал за вонредна состојба, по што израелската војска веднаш активирала безбедносен протокол на највисоко ниво. Поради страв дека комерцијалниот авион е киднапиран или ќе биде искористен за директен напад, Израел крена воени ловци кои го следеа авионот сè до слетувањето на аеродромот „Бен Гурион“.
По слетувањето, авионот бил изолиран на пистата, а локалните безбедносни служби веднаш го привеле осомничениот пилот на распит.