Патнички авион на компанијата „Флајдубаи“, кој сообраќаше на линијата од Дубаи кон Тел Авив со 174 патници, принудно слета во Саудиска Арабија по физичка пресметка меѓу двајцата пилоти среде лет. Инцидентот активираше безбедносен код за незаконско попречување на летот, што предизвика тревога кај израелските воени и цивилни власти, кои во прв момент се сомневаа на обид за киднапирање и кренаа борбени авиони во воздух.
Како што објави израелскиот портал „Ynet News“, авионот во кој патувале и 27 деца, за време на летот кон Израел накратко испратил код што во меѓународната авијација означува незаконско мешање во командата или грабнување на леталото.
Безбедносните служби во Израел веднаш покренаа протокол за вонредна состојба. Военото воздухопловство крена борбени ловци за пресретнување, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац свикаа итни безбедносни консултации. Оперативниот оддел на полицијата формираше заеднички команден центар со разузнавачките служби.
„Се подготвуваме за секое можно сценарио“, порача првиот човек на израелската полиција Дени Леви додека траеше неизвесноста во воздухот.
Подоцнежните проверки на безбедносните власти покажаа дека нема надворешна закана, туку дека тревогата настанала директно поради физички судир меѓу самите членови на екипажот во пилотската кабина. За време на меѓусебната тепачка бил активиран транспондерскиот код за опасност.
По инцидентот екипажот го смени правецот и се спушти на помала висина над воздушниот простор на Саудиска Арабија. Леталото безбедно се приземји на саудиска територија, каде што сите патници се надвор од животна опасност.