„Те чекам“ ја покажува цената на токсичната машкост

Интерактивната дуодрама на Изабела Јакимова прашува што се случува кога момчињата растат со пораката дека солзите се слабост.

За мажите што не плачат. За жените што чекаат. И за тишината што убива. Од овие три реченици тргнува „Те чекам“, интерактивна дуодрама на скопскиот „Театар за тебе“, која на 29 октомври беше изведена во Занаетчискиот дом во Куманово.

Во средиштето на претставата е исповедта на човек кој предоцна сфаќа колку го чинело тоа што не умеел да зборува за своите чувства. Низ дијалог што се движи од сарказам и смеа до мигови на грч, авторката и режисерка Изабела Јакимова отвора прашање за тоа што се пренесува од една генерација на друга кога момчињата учат дека треба да се срамат од солзите и да ја кријат ранливоста. Претставата го поврзува тој научен молк со наследените обрасци на насилство.

Публиката учествува во исповедта

Гоце Андонов и Ангела Лефкова уште на почетокот ѝ се обраќаат директно на публиката и ја вклучуваат во дејството. Овој пристап доаѓа од применетиот театар, во кој учеството на гледачите отвора простор за разговор за темите на сцената. Од текот на интеракцијата зависи и времетраењето на изведбата, од 50 до 60 минути.

„Те чекам“ е наменета за млади. Разговорот за менталното здравје го врзува за ситуации што лесно се препознаваат и надвор од театарот. Кому му кажуваме дека ни е тешко? Како реагираме кога некој ќе ни се довери? Преку учеството во туѓата исповед, младите добиваат простор да размислат и за тоа како самите бараат и даваат поддршка.

Кумановската изведба беше организирана во партнерство со Општина Куманово, младинскиот центар „MultiКулти“ при Центарот за интеркултурен дијалог во Куманово и ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.


Авторка и режисерка е Изабела Јакимова. Продукцијата и техничката поддршка се на Сара Томевска, кореографијата е на Јована Зајкова, музичките композиции се на Бојан Димитровски, а костимите се од Save second hand.

е-Трн да боцка во твојот инбокс