Барак Обама испрати порака до Демократската партија дека вештачката интелигенција мора да стане едно од нејзините главни политички прашања. Поранешниот американски претседател предупреди дека технологијата може да стане опасна доколку не се воспостават јасни правила и механизми за контрола.
Обама своите ставови ги изнел на затворен донаторски настан на Менхетен, каде речиси еден час разговарал со лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис. Деталите од разговорот се објавени врз основа на делумен транскрипт што го објавила канцеларијата на Обама.
Според неговиот совет, демократите треба да подготват јасна рамка за јавна дебата за вештачката интелигенција, особено во случај партијата повторно да ја преземе контролата врз Претставничкиот дом по изборите.
„Не сум ниту акцелерационист, ниту катастрофичар“
Обама се обидел да се дистанцира и од оние кои бараат што побрз развој на технологијата без значителни ограничувања, но и од најцрните сценарија за иднината на вештачката интелигенција. Тој рекол дека не се смета ниту за „акцелерационист“, ниту за „катастрофичар“, но предупредил дека брзината со која технологијата се развива во рацете на приватниот сектор бара политичка реакција.
Според Обама, доколку се воспостави соодветна контрола, вештачката интелигенција може да донесе големи придобивки. Тој како примери ги посочил побрзиот развој на лекови и подобрувањето на можностите за лекување болести, но и потенцијалот за развој на технологии поврзани со чистата енергија.
Истовремено, тој предупредил дека политичарите мора да се подготват и за економските последици, особено за можната загуба на работни места. Прашањето, според него, не е само колку брзо ќе се развива технологијата, туку и што ќе се случи ако голем број луѓе повеќе не можат да најдат работа со полно работно време затоа што нивните позиции ќе бидат заменети или драстично променети.
Демократите сакаат да го претворат прашањето во политичка тема
Обаминиот повик доаѓа во период кога во Вашингтон повторно се засилува дебатата за регулирањето на вештачката интелигенција. Во Конгресот досега има мал напредок во создавањето сеопфатна регулаторна рамка. Дел од демократите побараа Претставничкиот дом да не заминува на пауза додека не бидат усвоени мерки за заштита од ризиците поврзани со вештачката интелигенција.
За прашањето се залагаат и одредени републиканци, кои поддржаа двопартиски законски иницијативи. Републиканската пратеничка Ана Паулина Луна побара и одржување посебна седница посветена на темата. Во меѓувреме, демократската страна подготвува сопствен политички документ за вештачката интелигенција, кој се очекува да биде објавен оваа есен откако ќе биде одобрен од Џефрис.
Тој по разговорот со Обама порача дека демократите мора да дејствуваат решително и ги обвини републиканците дека не ја исполниле својата одговорност кон американските граѓани.
Трамп гледа поинаку на ризикот
Ставовите на Обама се разликуваат од пристапот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во повеќе наврати го истакна стравот дека САД би можеле да заостанат зад Кина во развојот на вештачката интелигенција. Трамп неодамна изјави дека нема сериозна загриженост за ризиците од технологијата и дека неговиот главен интерес е САД да не дозволат Кина да ја преземе предноста.
Ова создава дополнителен простор за политичко разграничување меѓу двете партии. Дел од демократите во регулирањето на вештачката интелигенција гледаат можност да понудат појасна политичка алтернатива, особено пред идните изборни циклуси.
Сепак, и во самата Демократска партија нема целосно единство. Некои политичари бараат построги правила, додека други имаат добиено финансиска поддршка од групации поврзани со големите технолошки компании.
Притисокот расте и од самата технолошка индустрија
Дебатата се засилува и поради предупредувањата што доаѓаат од дел од луѓето кои ја развиваат технологијата. Дарио Амодеи, извршен директор на „Антропик“, неодамна повика на глобално забавување на развојот на вештачката интелигенција. Неговите ставови потоа јавно ги поддржаа и Сем Алтман од „ОпенАИ“ и Илон Маск.
Во исто време, во јавноста се појавија дополнителни предупредувања за однесувањето на напредните системи и можноста тие да ги надминат ограничувањата поставени од нивните создавачи. Обама, пак, смета дека политиката не смее да чека технологијата дополнително да се развие за да почне да реагира.
За претседателските кандидати кои ќе се подготвуваат за изборите во 2028 година, тој има едноставна препорака: вештачката интелигенција да не биде споредна тема, туку дел од главната политичка програма. Според неговата визија, кандидатите треба јасно да објаснат како планираат да ја направат технологијата побезбедна, како ќе ги заштитат децата и што ќе направат доколку автоматизацијата предизвика сериозни потреси на пазарот на труд.
Прашањето, според Обама, затоа веќе не е дали вештачката интелигенција ќе го промени општеството, туку дали политичарите ќе успеат да постават правила пред промената да стане многу потешко контролирана.