Нуклеарната централа „Кршко“ во Словенија би можела наскоро да го намали производството на електрична енергија поради екстремно високите температури што ја загреаја реката Сава. Како што соопштија од централата, доколку температурата на водата премине 28 Целзиусови степени, електраната ќе мора превентивно да го намали капацитетот за да не предивика дополнително загревање на речното корито.
Високите амбиентални температури и долготрајниот топлински бран ги подигнаа температурите на сите водени површини во регионот. Нуклеарката „Кршко“ за својот разладен систем користи вода од реката Сава, која потоа се враќа назад во речното корито.
Според строгите еколошки дозволи и безбедносни протоколи, централата не смее да ја испушта искористената вода доколку Сава ја премине граничната температура од 28 степени. Оваа мерка се применува со цел да се спречи еколошки шок и уништување на речниот екосистем.
Доколку реката продолжи да се загрева, раководството на нуклеарката е подготвено постепено да го намалува капацитетот на генераторите. Намалувањето на производството ќе се одвива чекор по чекор, во координација со системските оператори за пренос на струја во Словенија и Хрватска.
Од централата потврдуваат дека реакторот и сите безбедносни системи работат стабилно и без никакви технички пречки. Ваквите дејства се стандардна оперативна процедура во услови на екстремни временски непогоди и нема да ја загрозат безбедноста на самиот објект.
Слични рестрикции во изминатите години сè почесто се случуваат и во други европски земји, особено во Франција, каде што нуклеарните централи редовно го намалуваат капацитетот за време на летните топлински бранови.
Климатските промени и сè подолгите сушни периоди директно ја загрозуваат стабилноста на енергетскиот систем, покажувајќи дека дури и нуклеарната енергија зависи од состојбата на природните ресурси во окружувањето.