Стивен Спилберг се враќа во научната фантастика, а првите реакции за неговиот нов филм „Disclosure Day“ веќе ја подгреваат филмската сезона. Филмот, кој во кината треба да пристигне на 12 јуни, бил прикажан пред одбрани критичари и новинари, а реакциите на социјалните мрежи засега се речиси едногласно ентузијастички.
Дел од критичарите го опишуваат „Disclosure Day“ како најдобриот филм на Спилберг во последните 20 години, но и како еден од неговите најнеобични проекти досега. Според Entertainment Weekly, филмот се движи меѓу НЛО мистерија, трилер, емотивна драма и класична Спилбергова фасцинација со прашањето дали сме сами во универзумот.
Во центарот на приказната е телевизиска метеорологинка од Канзас Сити, која ја игра Емили Блант, а која е вовлечена во мистерија поврзана со вонземска сила. Нејзината изведба е една од најчесто пофалуваните во првите реакции, со коментари дека станува збор за една од нејзините најсилни улоги досега. Во филмот играат и Џош О’Конор, Колин Фирт, Ив Хјусон, Колман Доминго и Вајат Расел.
Филмот го означува враќањето на Спилберг на терен што одамна го направи негов: човечкиот страв и восхит пред непознатото. Неговиот опус веќе ги има „Блиски средби од трет вид“, „Е.Т.“, „Специјален извештај“ и „Војна на световите“, а „Disclosure Day“ повторно се врти околу прашањето што би се случило ако човештвото конечно добие доказ дека не е само.
Сценариото е на Дејвид Коеп, долгогодишен соработник на Спилберг, а музиката ја потпишува Џон Вилијамс. Дел од првите реакции го фалат токму тој спој: голема мистерија, емотивен центар, необичен тон и музика што, според критичарите, ја враќа старата магија на Спилберговото кино.
Секако, првите реакции не се исто што и официјални рецензии. Тие често доаѓаат од специјални проекции и знаат да бидат погласни од конечниот критички консензус. Но ако почетниот шум околу „Disclosure Day“ е некаков сигнал, Спилберг можеби повторно има филм што не само што гледа кон ѕвездите, туку сака таму да ја врати и големата кино-магија.