Нови сопственици, голема чистка во Н1: По Србија, смени и во Хрватска и Словенија

По промените во Србија, кадровските смени во Н1 продолжија во Хрватска и Словенија. Разрешен е и долгогодишниот директор на Н1 Хрватска, Тихомир Ладишиќ.

Кадровските промени во медиумската групација Н1 се шират низ регионот. Откако беа сменети директорите на повеќе медиуми од групацијата во Србија, промените продолжија и во Хрватска и Словенија. Според информациите на хрватски „Нови лист“, Тихомир Ладишиќ, долгогодишниот директор на Н1 Хрватска, е разрешен од функцијата.

Станува збор за кадровски одлуки на новите сопственици на регионалната медиумска мрежа, која неодамна беше продадена на португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“.

Големи промени во Србија

Во понеделникот, Педро Варгас Сантос Давид, првиот човек на „Алпак капитал“, официјално бил регистриран како директор на медиумските компании на „Адриа њуз нетворк“ во Србија. Во исто време биле разрешени директорите на повеќе медиуми од групацијата – Нова, Радар, Н1, Данас и Форбс.

Михаило Јовиќевиќ бил разрешен од функциите во Нова и Радар, Александра Митиќ од Данас, Брент Садлер од Н1 и Нова С, а Јанез Живко од ТВ Нова С.

Смените се проширија и надвор од Србија

Само еден ден подоцна, кадровските промени продолжиле и во останатите земји каде што работи регионалната мрежа Н1. Покрај разрешувањето на Ладишиќ во Хрватска, сменето е и раководството на Н1 во Словенија.

Така, за само неколку дена новите сопственици започнаа серија промени во менаџментот на медиумите од групацијата низ регионот. Засега не се соопштени дополнителни детали за причините за конкретните разрешувања, ниту дали ќе следуваат нови кадровски промени во регионалната мрежа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс