Нови сојузи на Блискиот Исток: Израел и ОАЕ на една страна, Саудиска Арабија гради друг блок

На Блискиот Исток се создаваат нови блокови на моќ. ОАЕ ја продлабочуваат соработката со Израел, додека Саудиска Арабија, Пакистан, Турција и Египет се насочуваат кон стабилност.

На Блискиот Исток се создаваат нови сојузи, а последните потези на Обединетите Арапски Емирати повторно ја отворија дебатата дали регионот влегува во нова геополитичка фаза.

На прв поглед, изгледа дека ОАЕ во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран застанале на страна што може да ги оддалечи од дел од арапскиот свет. Според информации што прв ги објави Middle East Eye, Израел и ОАЕ наводно основаат заеднички одбранбен фонд за купување оружје, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери. Засега, ниту една влада официјално не ја потврдила информацијата.

Фондот, според објавите, бил договорен за време на тајна посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Емиратите. Посетата беше објавена на 13 мај, но само неколку часа подоцна ОАЕ демантираа дека таа воопшто се случила.

Ден претходно, американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, потврди дека Израел им позајмил системи за противвоздушна одбрана на Емиратите, како помош за одбрана од ирански напади, пишува Deutsche Welle.

Се менува стариот поредок во Заливот

Овие случувања, заедно со одлуката на ОАЕ од крајот на април да го напуштат нафтениот картел OPEC по 59 години, поттикнаа анализи дека на Блискиот Исток се случува подлабоко геополитичко поместување.

Аналитичарката Cinzia Bianco од Европскиот совет за надворешни односи оцени дека повеќедеценискиот поредок во Заливот исчезнува и дека се обликува нов.

Слично размислување изнесе и Ma Young-sam, поранешен јужнокорејски амбасадор во Израел, кој за The Korea Times оцени дека потезите на ОАЕ не се само дел од привремен регионален конфликт, туку најава за нов поредок на Блискиот Исток.

Marcus Schneider од Фондацијата Friedrich Ebert зборува за два блока во создавање. Едниот го нарекува „шестоаголник“ околу ОАЕ и Израел, а другиот „дијамант“ што ги вклучува Саудиска Арабија, Пакистан, Турција и Египет. Овие четири земји со мнозинско сунитско население се нарекуваат и „квартет“.

Политика на нарушување наспроти политика на стабилност

Според Schneider, Израел и ОАЕ ги поврзува политика на „нарушување“ со цел да се преобликува Блискиот Исток и поширокиот регион.

Нетанјаху повеќепати тврдеше дека Израел „го менува лицето на Блискиот Исток“, а ОАЕ, според аналитичарите, исто така се обидуваат да изградат нови мрежи на геополитичко и економско влијание со центар во Abu Dhabi.

Партнерството има и практична логика. За ОАЕ, Израел нуди одбранбени капацитети, технологија, меѓународни врски и влијание во светските престолнини.

Од друга страна, сунитскиот „дијамант“ околу Саудиска Арабија, Пакистан, Турција и Египет има поинаков пристап. Според Schneider, тие земји сè повеќе се насочуваат кон стабилност, бидејќи економските цели бараат предвидлив регион, а не нови воени авантури.

Саудиска Арабија, која во минатото и самата водеше поагресивна регионална политика, сега покажува поголема претпазливост. Нејзиниот интерес, според аналитичарите, е да избегне војна што би го загрозила економскиот развој и инвестициите.

Саудиска Арабија сè повеќе загрижена од Израел

Растечката загриженост на Саудиска Арабија од израелската политика беше видлива и во авторски текст на принцот Turki al-Faisal, поранешен шеф на саудиската разузнавачка служба.

Тој предупреди дека доколку успеел планот за поттикнување војна меѓу арапските земји и Иран, регионот би бил турнат во пропаст и разурнување. Според него, таква војна не би била во интерес на Саудиска Арабија, туку би му овозможила на Израел да ја наметне својата волја како доминантен актер во регионот.

Токму тука се гледа една од главните разлики меѓу новите регионални центри на моќ. ОАЕ се движат кон подлабока соработка со Израел, додека Саудиска Арабија сè повеќе гледа ризик во израелската стратегија.

Старите поделби повторно излегуваат на површина

Напнатостите меѓу заливските земји не се нови. Разликите меѓу ОАЕ и Саудиска Арабија се гледаа и претходно, особено околу Јемен.

Kristian Coates Ulrichsen од Baker Institute на Rice University оцени дека регионалните случувања јасно ја покажале разликата во визиите за идниот поредок. Според него, во Саудиска Арабија нема апетит за нови воени авантури, додека Abu Dhabi се перципира како подготвен на поголем ризик и поддршка на вооружени групи.

Кога почна војната со Иран, изгледаше дека заливските држави привремено ги надминале разликите за да покажат единство. Но, сега, додека една земја ја продлабочува соработката со Израел, а друга го гледа Израел како сè поголема закана, поделбите повторно стануваат видливи.

„Саудијците и Емиратите всушност се движат во спротивни насоки“, оценува Schneider.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека не треба премногу едноставно да се каже дека ОАЕ или Саудиска Арабија „избрале страна“. Не станува збор за цврсти идеолошки блокови како во времето на Студената војна. Двете земји и понатаму соработуваат во други области, но нивните визии за иднината на Блискиот Исток сè повеќе се разликуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс