Серија нови земјотреси ја погодија Јапонија, при што најновиот потрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран на северот на земјата, соопшти Јапонска метеоролошка агенција. Надлежните предупредуваат дека афтершоковите ќе продолжат во текот на целата недела.
Потресот се случил по серија послаби земјотреси со јачина меѓу 3,5 и 4,5 степени, што дополнително ја зголемува загриженоста за стабилноста на регионот. Граѓаните пријавуваат силни потреси во североисточниот дел на земјата, додека умерени вибрации се почувствувани и во градови како Нагасаки, Вакајама, Токио и Ниигата.
Властите апелираат населението да остане во состојба на подготвеност, да се држи подалеку од крајбрежјето и големите водени површини, поради ризик од нови потреси и можни цунами бранови.
Претходно денеска, силен земјотрес со магнитуда 7,5 го погоди регионот кај Санрику на североисточниот брег, на длабочина од околу 19 километри. Последиците вклучуваат прекини на електрична енергија кај околу 100 домаќинства, додека дел од брзите железнички линии биле привремено стопирани, но постепено се враќаат во функција.
Јапонските медиуми јавуваат дека нема забележани неправилности во нуклеарните централи во Аомори и Мијаги, како и во централата Фукушима Даини. Меѓународна агенција за атомска енергија потврди дека нема истекување на радијација.
Сепак, сеќавањата на катастрофата од нуклеарната несреќа во Фукушима 2011, кога по силен земјотрес и цунами дојде до топење на јадрото во централата Фукушима Даичи, повторно ја зголемуваат загриженоста кај јавноста.
Надлежните служби остануваат во состојба на готовност, а граѓаните се повикуваат строго да ги следат безбедносните препораки во наредните денови.