Нова француска книжевна награда за дела создадени со вештачка интелигенција

Наградата „Паскал“ ги повикува авторите отворено да ја пријават употребата на ВИ при пишувањето, во момент кога француската книжевна сцена се соочува со обвинувања за прикриено користење на технологијата.

Во Франција е основана нова книжевна награда за дела создадени во соработка со вештачка интелигенција (ВИ). Наградата „Паскал“ е претставена во момент кога француската книжевна сцена е потресена од контроверзии околу употребата на ВИ од страна на автори чии дела се најдоа во конкуренција за некои од најзначајните книжевни признанија во земјата, меѓу кои и наградата „Гонкур“.

Од септември, француската книжевна јавност ја следи аферата поврзана со писателот Телиcон Орелиен, по обвинувањата дека во неговиот роман „Тоа или смртта“ („C’était ça ou mourir“) во голема мера била користена вештачка интелигенција.

Вчера, канадскиот издавач на Орелиен потврди дека ВИ навистина била користена при создавањето на книгата и ја прекина соработката со авторот. Орелиен ги негира обвинувањата. Во разговор со новинарот на „Либерасион“, Рашид Лаиреш, изјавил дека користел надворешни извори за историското истражување.

„Реков дека јас ја напишав книгата; не е како ВИ да ја напишала“, инсистирал тој. Објаснил дека користел алатки, како што се прави и при преведувањето меѓу јазици, додавајќи дека не очекувал ситуацијата да се развие во оваа насока.

Награда што бара транспарентност, а не забрана

За разлика од ваквите случаи, наградата „Паскал“ отворено ја охрабрува употребата на ВИ во книжевното творештво. Сепак, организаторите нагласуваат дека не станува збор за натпревар во технологија.

„Вештачката интелигенција веќе е присутна во работилниците за пишување, во ракописите и во книжарниците, често без никој да забележи. Наградата „Паскал“ го поставува прашањето отворено: што претставува книжевно дело кога авторот и машината соработуваат?“, се наведува на веб-страницата на наградата.

Кандидатите ќе треба да достават ракопис, како и технички документ во кој ќе биде наведено каква алгоритамска помош користеле при пишувањето. Дозволени се сите поголеми јазични модели, меѓу кои ЧетГПТ, Клод, Џемини и Лама.

„Додека други се обидуваат да ја откријат употребата на ВИ со помош на меѓусебно противречни алатки за детекција, наградата „Паскал“ бара авторите самите да ја пријават нејзината употреба. Без пропагирање, без тужби – транспарентноста како основа за дебата и колективна интелигенција“, велат организаторите.

Наградата е отворена за секој што пишува на француски јазик, без оглед на националноста или местото на живеење. Не е потребно авторот да има издавач.

Основачи на наградата се Филип Родригез, Албин Сервијан и Жил Мантре, тројца претприемачи од технолошкиот сектор. Родригез е основачки партнер во консултантската компанија за спојувања и преземања „Аволта“, Сервијан е поранешен претседател на ЛГБТК+ списанието „Тету“, а Мантре предава на Харвард и на Универзитетот Париз 1 Пантеон-Сорбона.

„Жирито бара необјавено дело што е корисно или поттикнува на размислување“, наведуваат основачите.

Повикот за пријавување беше објавен вчера, а составот на жирито, кое ќе го сочинуваат пет истакнати личности, треба да биде објавен до крајот на месецот. Добитникот на наградата за 2026 година ќе биде прогласен во средината на декември. Не е предвидена парична награда, но организаторите ќе обезбедат помош за објавување на победничкото дело.

Дебатата за ВИ во литературата сè повеќе се заострува

Бидејќи француското законодавство засега ниту ја регулира ниту ја забранува употребата на ВИ за создавање книжевни дела, организаторите сметаат дека наградата е легитимна. Но нејзиното основање доаѓа во време кога сè повеќе луѓе од креативните индустрии предупредуваат на последиците од ширењето на ВИ и бараат правила и заштитни механизми.

Наградата го носи името на францускиот математичар и филозоф Блез Паскал. На нејзината веб-страница се истакнува дека Паскал е единствениот западен мислител што истовремено бил пионер во конструирањето механички уреди и мајстор на јазикот.

Организаторите го цитираат и неговиот исказ: „Колку повеќе дух имаме, толку повеќе откриваме оригинални луѓе“.


Тешко е да се замисли што би мислел Паскал за награда што ја слави книжевноста создадена во соработка со машина. Но токму тоа е прашањето што таа го отвора: дали ВИ е само уште една алатка во рацете на авторот или технологија што ќе ја промени самата претстава за авторството и оригиналноста?

е-Трн да боцка во твојот инбокс