Новата ЕУ такса за нарачки од Тему: Ќе удрат ли новите правила и по македонските џебови?

Брисел воведува посебна административна давачка за евтините пратки од Кина, но македонските купувачи засега остануваат под домашните царински правила.

Европскиот парламент одобри сеопфатна царинска реформа со која се воведува нова административна накнада за обработка на пратки што пристигнуваат од земји надвор од Европската Унија. Мерката директно ги таргетира платформите како Тему и Шеин, чии евтини производи масовно влегуваат на европскиот пазар. Македонските граѓани засега нема директно да ја плаќаат новата давачка на граница, но пратките што транзитираат преку европските поштенски центри можат да се соочат со забавувања и непредвидени логистички трошоци.

Новата давачка што ја изгласа Европскиот парламент не е иста со царината од три евра за пратки со мала вредност, туку претставува посебен трошок за административна обработка. Точниот износ допрва треба да го утврди Европската комисија, иако за време на преговорите се споменуваше фиксна сума од околу два евра по пакет. Членките на Унијата имаат рок да ја активираат наплатата најдоцна до 1 ноември 2026 година.

Целта на оваа мерка е да ги покрие трошоците на царинските служби кои со години се преоптоварени. Податоците на Европската комисија покажуваат дека само во 2025 година во ЕУ влегле дури 5,9 милијарди производи со мала вредност испратени директно до потрошувачите, при што околу 90 отсто од нив потекнувале од Кина.

Клучната законска промена лежи во правниот статус на самите онлајн трговци. Тему, Шеин, Амазон и сличните платформи во иднина ќе се сметаат за увозници во Унијата, што значи дека токму тие ќе подлежат на строга контрола за безбедноста на производите и ќе мора автоматски да пријавуваат царински податоци веднаш по завршување на купопродажбата.

За европските купувачи ова значи повисока крајна цена при наплата, бидејќи дигиталните гиганти повеќе нема да можат да ги префрлаат царинските обврски врз крајниот примател на пакетот.

Бидејќи Македонија не е членка на Европската Унија, одлуката на Европскиот парламент нема директна правна сила врз домашната регулатива. Но, македонските потрошувачи веќе го поминаа своето даночно затегнување: со законските измени што стапија на сила кон крајот на 2025 година, целосно се укина прагот за ослободување од ДДВ за онлајн нарачки до 22 евра. Тоа значи дека кај нас ДДВ веќе се наплаќа од самиот почеток за секоја комерцијална нарачка, додека ослободувањето од царина важи за пратки со вредност до 90 евра.

Вистинското влијание од новата европска одлука врз домашните купувачи ќе се почувствува низ логистичкиот синџир. Огромен дел од пратките купени преку кинеските апликации патуваат преку европски транзитни центри како Будимпешта и Виена. Построгите контроли и административните такси на европските аеродроми создаваат ризик за подолги рокови за испорака, додека логистичките компании би можеле да ги прекалкулираат зголемените транзитни трошоци во цената на крајната достава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс