Нов судир меѓу САД и Канада по воведувањето царини од 50 проценти

Американскиот претседател Доналд Трамп по пропаѓањето на преговорите ја обвини Канада дека со години неправедно ги третира американските земјоделци и наплаќа високи царини за нивните производи

Трговскиот конфликт меѓу САД и Канада дополнително се заострува откако Вашингтон воведе царини од 50 проценти за канадска стока вредна околу 20 милијарди долари. Канадскиот премиер Марк Карни најави дека Отава ќе возврати со мерки според принципот „долар за долар“.

Американскиот претседател Доналд Трамп по пропаѓањето на преговорите ја обвини Канада дека со години неправедно ги третира американските земјоделци и наплаќа високи царини за нивните производи. Новите американски царини опфаќаат широк спектар производи, а експертите предупредуваат дека продолжувањето на спорот може да има последици врз компаниите, работните места и потрошувачите во двете земји.

Карни: „Ние сме нападнати“

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека неговата земја веќе се наоѓа во трговска војна со САД и дека нема да ги прифати условите што ги поставува Вашингтон.

„Во војна сте кога сте нападнати, а ние сме нападнати“, порача Карни, додавајќи дека Канада нема да ги даде отстапките што ги бара американската администрација.

Од Вашингтон, пак, трговскиот претставник Џејмисон Грир ја обвини Канада дека претходно преземала одмазднички мерки и порача дека САД мораат да ги заштитат своите работници и синџири на снабдување.

Малите канадски бизниси стравуваат од големи загуби

Последиците особено би можеле да ги почувствуваат канадските мали извозници. Според Канадската федерација на независни бизниси, околу 40 проценти од малите канадски извозници директно ќе бидат погодени од американските царини, а речиси една третина очекуваат приходите да им се намалат за повеќе од половина.

Но царините може да создадат проблеми и за американската економија. Демократски гувернери и членови на Конгресот предупредија дека повисоките увозни трошоци би можеле да се прелеат врз цените што ги плаќаат американските граѓани и компаниите.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, ја критикуваше администрацијата на Трамп дека ги нарушува односите со важен сојузник и создава дополнителен притисок врз цените. Сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, предупреди дека последиците ќе ги почувствуваат бизнисите, земјоделците и потрошувачите, имајќи предвид дека Канада е еден од најзначајните трговски партнери на државата.

Спорот повторно го отвора и прашањето за „51. држава“

Односите меѓу Вашингтон и Отава дополнително се влошија по повеќ кратните изјави на Трамп дека Канада би можела да стане 51. американска сојузна држава. Канадската Влада досега категорично ја отфрла таквата идеја.

Со воведувањето на новите царини и најавата за канадски контрамерки, трговскиот спор сега добива нова димензија. Наместо договор, двете соседни земји влегуваат во нова рунда економски притисок, чија цена би можеле да ја платат и компаниите и граѓаните од двете страни на границата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс