Во Македонија расте бројот на заразени со западнонилска треска откако на Клиниката за инфективни болести во изминатото деноноќие е хоспитализирано уште едно 76-годишно лице кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, како и позитивна серологија за вирусот Западен Нил.
Со новиот случај, вкупно седум пациенти се водат како клинички сомнителни, додека кај 10 е потврдена западнонилска треска. Од нив, тројца се во критична состојба, сместени на Одделот за интензивна нега и приклучени на механичка вентилација. Нивната здравствена состојба засега останува непроменета. Сите пациенти се од Скопје.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, изјави дека за потврда на невроинвазивната форма на болеста кај најновиот сомнителен случај се потребни дополнителни испитувања на цереброспиналната течност.
Тој појасни дека ПЦР-тестот не е златен стандард за дијагностицирање на невроинвазивната форма на западнонилската треска, поради што овие пациенти се подложени на дополнителни лабораториски анализи и се третираат како заболени од вирусот.
„Инкубацијата трае до 14 дена, а не може однапред да се предвиди како ќе се развива болеста кај секој пациент. Најризични се лицата над 60 години, хронично болните и лицата со ослабен имунитет. Кај околу 80 проценти од заразените, болеста поминува со лесни симптоми или без симптоми“, истакна д-р Цана.