Search
Во рамки на годишниот конкурс на Mинистерство за Култура – „Цртај на македонски јазик“

Нов мурал во Прилеп посветен на Марко Цепенков – „Правдината се танчи, ама не се кинит„

„Јас сум ти како питач што одам, од куќа до куќа и бележам што ќе слушнам, да остане вечно, да не се заборави“- Марко Цепенков

Нов мурал посветен на делото на Марко Цепенков ќе го краси Центарот за Култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. „Правдината се танчи, ама не се кинит„ на визуелната уметница Ивана Самандова и на нејзините соработници уметниците Методи Исков и Александар Џинго, минатиот викенд беше завршен. Муралот е дел од проектот одобрен на годишниот конкурс поддржан од страна на Mинистерство за Култура насловен како „Цртај на македонски јазик , а фокусот на муралот е пренасочен на величината на Марко Цепенков, како еден еден од најбитните и истакнати фигури во македонската историја и култура.

Една од главните идеи за овој мурал велат уметниците, е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство. Избегнувањето на централизираноста на културата и уметноста во само еден град како и остварувањето на соработката помеѓу Центарот за Култура и локалните уметници, е стремеж кон визуелно осовремување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ (Правдината се тенчи, но не се кине) е личен цитат од Марко Цепенков преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во мигови кога таа умее да биде истенчена, никогаш не може да биде комплетно уништена.

-Идејата за овој мурал произлезе од долги истражувања за делата и животот на Марко Цепенков. Ние од март месец почнавме да работиме и го изработивме првиот мурал во Скопје и сега се прошируваме да работиме тука во Прилеп. Следуваат Кичево и уште еден мурал во Скопје. Тематиката ни е солидарноста и заедништвото во едно општество и сакаме преку визуелната уметност која излегува во јавниот простор да допринесеме до освестување кај општеството за тоа колку всушност ние си помагаме едни на други, не само во уметничкиот свет туку општо. И за тоа дека визуелната уметност изложена во јавниот простор може да помогне во едно такво размислување или да поттикне поголема толеранција за едни меѓу други- вели Ивана Самандова.

Фундаменталните принципи на правдината се издржливи, велат младите уметнци, а нејзината флексибилност е таа која умее да се прилагоди во разновини контексти кадешто се наоѓаат решенија за комплексни ситуации од страна на бројни ентитети кои застануваат на страната на она што е исправно.

-Секое време носи некоја своја автентична специфика, некоја легенда која останува во вечноста и ние всушност се „фаќаме“ на таквите легенди кои се носители на една типична култура или пак би кажал типично за ова поднебје тука во Прилеп. Еден од таквите неприкосновени легенди е Марко Цепенков и овој мурал е посветен на животот и делото на Цепенков, објаснува уметникот Александар Џинго.

Марко Цепенков е инаку познат како собирач на македонски народни умотворби кои се од големо значење за македонската фолклористика, лингвистика и етнографија. Меѓутоа, од архивата на неговите записи и лични цитати, она што е фасцинантно се токму неговите лични записи со безвременски карактер кои до ден-денес се релевантни во одредени општествени, социолошки и културолошки аспекти.

На прашањето колку Прилепчани сакаат графики на нивните ѕидови, Методи Исков, уметник кој работеше на муралт вели:

-Во Прилеп мислам дека се добро прифатении и добро е штом се работи на некој нов мурал и нов изглед. Можеби тоа станува во денешно временекој нов идентитет или белег на сегашното време. Секој мурал е приказна сама за себе. На Прилеп му требаат нови мурали.

Во март, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност. По ова следуваше муралот во Прилеп, а во најва се уште два мурали во Кичево и во Скопје.

Најново

Последни колумни