Романски турист кој се изгубил во реонот на Кањонот Матка, во близина на пештерата Врело, е успешно пронајден по повеќечасовна координирана спасувачка акција во која учествувале повеќе институции.Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пријавата за исчезнатото лице била примена синоќа во 21:55 часот преку Единствениот број за итни случаи 112. Туристот сам се јавил и пријавил дека се изгубил на подрачјето на Општина Сарај.
Локацијата ја утврдиле преку телефонскиот повик
По добиената пријава, ЦУК веднаш ги известил Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст. Преку постојана комуникација со туристот, операторите успеале да ја утврдат неговата приближна локација користејќи координати и информации добиени за време на телефонскиот разговор.
Поради темнината, непристапниот планински терен и неговата дезориентираност, на туристот му било препорачано да остане на местото каде што се наоѓа додека не пристигнат спасувачките екипи.
До него стигнале преку Националниот парк „Јасен“
Министерството за внатрешни работи веднаш организирало теренска потрага, но поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачките тимови пристапиле преку Националниот парк „Јасен“. Во акцијата било користено теренско возило, а се вклучил и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
Романскиот државјанин бил лоциран и пронајден во 3:45 часот по полноќ. Од ЦУК информираат дека тој бил видно вознемирен и дезориентиран, но во добра и стабилна здравствена состојба. По успешната спасувачка акција, туристот бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи продолжува со постапката согласно законските надлежности, бидејќи станува збор за странски државјанин.