Њујорк стартува со нови казни по возачите кои не учат од казни. Новиот закон предвидува автомобилите на таканаречените „супер брзи возачи“ да добијат интелигентни ограничувачи на брзината, уреди што преку GPS ја препознаваат дозволената брзина и не му дозволуваат на возилото да ја надмине.
Мерката ќе се однесува на возачи кои во рок од една година ќе соберат најмалку 16 казни за брзо возење. Ограничувачот ќе се поврзува со системот на автомобилот и ќе ја држи брзината во рамки на дозволеното ограничување, со цел да се спречат опасни повторувачи кои постојано ги кршат правилата.
Ако возачите одбијат да го вградат уредот, може да се соочат со казни од 1.500 до 2.500 долари, а им се заканува и суспендирање на регистрацијата на возилото. Во Њујорк мерката се претставува како директен удар врз најризичните возачи, а не врз просечните прекршители.
Покрај ограничувачите, државата планира и проширување на мрежата камери за контрола на брзината, особено во зони каде што се изведуваат работи на патиштата, како и построга контрола на возачите кои не запираат покрај училишни автобуси.
Њујорк истовремено се обидува да ги намали и високите трошоци за автоосигурување, кои во оваа сојузна држава надминуваат 4.000 долари годишно. Новите мерки вклучуваат построг надзор врз осигурителните компании, намалување на злоупотребите и ограничување на обесштетувањата за возачи кои во моментот на несреќа го кршеле законот.