Реконструкцијата на железничката обиколница во Скопје, на делницата Драчево–Илинден, е целосно завршена, а во наредните дваесетина дена по неа ќе започнат да сообраќаат товарните возови. Ова го соопшти министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски, изврши увид на реконструираната пруга и присуствуваше на успешно тестирање на делницата.
Според Николоски, во тек е тест-периодот и техничкиот прием на пругата, по што карго-сообраќајот ќе биде целосно пренасочен на железничката обиколница. Со тоа товарните возови ќе се изместат од централното градско подрачје на Скопје, што треба да придонесе за подобра организација на железничкиот сообраќај и намалување на загадувањето.
Министерот оцени дека проектот ќе има повеќекратни придобивки, меѓу кои се подобра заштита на животната средина, побрз транспорт на стока по Коридорот 10 и создавање услови за зголемен железнички карго-сообраќај и нови економски можности.
„Во моментов тече тест-периодот во кој треба да се реализира техничкиот прием. Очекувам за дваесетина дена карго-возовите и официјално да почнат да ја користат оваа делница“, изјави Николоски.
Покрај товарниот сообраќај, најавени се и новини за патниците. Од 1 септември се очекува да биде воведена нова патничка железничка линија која ќе сообраќа на релација Зелениково – Драчево – центарот на Скопје, со цел да се подобри јавниот превоз и поврзаноста на источниот дел од скопскиот регион со главниот град.