Нов голем триумф во регионот: Никола Ристановски прогласен за најдобар актер на фестивалот во Бања Лука

Македонскиот актерски маестро едногласно ја освои наградата на престижниот „Театар фест Петар Кочиќ“ за улогата во претставата „Уна“ на Звездара театар.

Истакнатиот македонски актер Никола Ристановски забележа уште еден извонреден меѓународен успех откако стручното жири на штотуку завршениот 28. театарски фестивал „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука едногласно одлучи наградата за најдобар актер да му припадне токму нему.

Ристановски го воодушеви регионот со својата маестрална изведба на ликот на Мишел Бабиќ во претставата „Уна“ во продукција на белградскиот Звездара театар. Официјалното тричлено жири, предводено од драматургот Молина Удовички Фотез како претседател и членовите Наташа Периќ и Душан Петровиќ, во своето образложение потенцираше дека македонскиот актер непосредно, едноставно, искрено и суптилно го гради ликот на професорот Бабиќ како интелектуалец растрзан меѓу баналната стварност и силната внатрешна потреба за слобода.

За Ристановски ова е веќе четврто големо признание за истава улога во оваа хит-претстава, откако претходно за својата глума беше награден и на реномираните фестивали „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и на „Глумечките свечености Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс