Германија се соочува со највисоко ниво на сиромаштија во последните години, покажува најновиот извештај на германското Здружение за паритетна социјална заштита. Според податоците, дури 13,3 милиони луѓе живеат во сиромаштија или се изложени на ризик од сиромаштија, што претставува рекорд од 2020 година наваму.
Стапката на сиромаштија во текот на 2025 година достигнала 16,1 отсто од населението, што е зголемување од 0,6 процентни поени во споредба со претходната година. Експертите предупредуваат дека ситуацијата наликува на социјална криза и бара итни мерки за поддршка на најранливите категории граѓани.
Кој се смета за сиромашен во Германија?
Според критериумите на Европската Унија, за лице изложено на ризик од сиромаштија се смета секој што располага со помалку од 60 проценти од медијалниот приход во државата. За самец, прагот на сиромаштија изнесува 1.446 евра нето месечно, додека за семејство со двајца возрасни и две деца под 14 години тој праг достигнува 3.036 евра месечно.
Извештајот покажува дека речиси секој петти жител постар од 65 години живее во сиромаштија или е во ризик од сиромаштија. Здружението предупредува дека староста сè повеќе станува фактор што ги турка луѓето кон финансиска несигурност.
Особено загрозени се и лицата кои живеат сами, стапка на сиромаштија од 30,3 проценти ,самохраните родители – 28,9 проценти , лицата со пониско образование – 29,1 процент.
Големи разлики меѓу германските покраини
Најниски стапки на сиромаштија се регистрирани во економски силните покраини Баварија – 12,6 проценти и Баден-Виртемберг – 13,2 проценти.
Од друга страна, најтешка е состојбата во: Бремен – 27,5 проценти, Саксонија-Анхалт – 21,3 проценти , Хамбург – 18,9 проценти и Берлин – 18,7 проценти.
Приходите не ги покриваат ни основните потреби
Во многу германски домаќинства финансиската состојба станува сè потешка. Кај 6,9 проценти од населението приходите не биле доволни ниту за покривање на основните месечни трошоци. Многумина имаат проблем да ги подмират сметките за струја и греење, а дел од нив не можат да си дозволат ниту набавка или замена на неопходни апарати за домаќинството, како што се фрижидери или шпорети.
Според авторите на извештајот, сиромаштијата најбрзо расте во средини со структурни проблеми, како што се ниското образование, ограничените можности за вработување и долготрајната невработеност. Дури четири од пет лица кои живеат во сиромаштија не се вработени, што дополнително ја продлабочува социјалната нееднаквост во најголемата европска економија.