Невремето го парализира Скопје: Поплавени подвозници, заглавени автомобили и блокирани улици

Силното невреме со поројни врнежи што попладнево го зафати Скопје предизвика сериозни поплави, сообраќаен хаос и голем број интервенции на надлежните служби низ повеќе делови од градот. Според Центар за управување со кризи (ЦУК), најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба, од каде што пристигнале најголем број пријави преку бројот за итни случаи 112.

Граѓаните пријавиле поплавени подруми, дворови, гаражи и магацини, како и заглавени возила на повеќе критични локации. Најсериозна е состојбата кај подвозникот пред кружниот тек во Бутел и на булеварот „Србија“ во Кисела Вода, каде автомобили останале заробени во водата.

Под вода се најдоа и кружните текови кај трговскиот центар „Ист Гејт“, кај „Мото Центар“, „Цементара“ и во населбата Железара, додека целосно е поплавена и улицата „Јордан Мијалков“ зад трговскиот центар „Дајмонд мол“.

Проблеми се регистрирани и во населбите Расадник и Аеродром, каде што поплавени се паркиралишта и пристапни улици. Освен сообраќајната инфраструктура, невремето предизвикало штети и на приватни и деловни објекти. Пријавени се поплавени куќи, подруми и гаражи во Кисела Вода, Автокоманда и Чаир, како и магацински простории на трговски и приватни компании.

Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Противпожарната бригада на Град Скопје и локалните служби, кои интервенираат на терен. Во меѓувреме, Кризниот штаб на Град Скопје одржува координациски состаноци со сите надлежни институции, а до граѓаните е упатен апел да избегнуваат движење низ поплавените подвозници, улици и критични точки додека траат интервенциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс