Силно невреме предизвика проблеми во сообраќајот во Сплит и околината, каде поради обилните врнежи коловозите се мокри и лизгави, а на повеќе локации има поголеми количини вода на патиштата.
Од Полициската управа сплитско-далматинска ги предупредија возачите да ја прилагодат брзината и начинот на возење на условите на патот, бидејќи локалните поројни дождови дополнително го отежнуваат движењето и го зголемуваат ризикот од пролизгување.
Полицијата предупредува и на можност од одрони, особено на патиштата што минуваат покрај стрмни терени, пренесува „Далмација Данас“.
На неколку делници во Сплит и Солин биле пријавени излетани капаци од шахти, а регистриран е и одрон на Старата клишка цеста.
Во Улицата „Домовинског рата“ во Сплит, кај свртувањето кон Пут Пујанки, се случила и сообраќајна несреќа во која учествувале четири автомобили. Според првичните информации, причинета е материјална штета на возилата.
Надлежните служби се на терен и работат на санација на критичните точки, со цел сообраќајниците што побрзо да се доведат во безбедна состојба.
Граѓаните и сите учесници во сообраќајот се повикуваат на дополнителна внимателност. На возачите им се препорачува да држат поголемо растојание, да избегнуваат нагло сопирање и да возат според условите на патот.
Дождот предизвика проблеми и во сообраќајот кај Омиш.