Изборот за КСЗД отвори сомнежи за селективен пристап на Собранието уште пред јавната расправа

Организацијата тврди дека две кандидатки од граѓанскиот сектор не се нашле на листата за јавната расправа за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, иако нивните пријави, како што велат, биле уредно доставени.

Мрежата за заштита од дискриминација реагираше на начинот на кој Собранието ја води постапката за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оценувајќи дека процесот се спроведува нетранспарентно и селективно. Реакцијата доаѓа откако на веб-страницата на Собранието беше објавен дневен ред за седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, закажана за 16 април 2026 година, со единствена точка: јавна расправа за утврдување предлог-листа од пријавените кандидати.

Според објавените информации, јавната расправа е закажана за 11 часот, а истиот ден во 14 часот Комисијата треба повторно да се состане за да го утврди името на кандидатот што ќе му биде предложен на Собранието за именување.

Од Мрежата велат дека на листата на пријавени кандидати воопшто не се нашле двете нивни претставнички, иако, како што наведуваат, нивните пријави биле доставени навремено и уредно. Оттаму прашуваат врз која основа кандидатките се исклучени од постапката и дали има и други кандидати што ги исполниле законските услови, а не биле повикани да ги претстават своите кандидатури.

Организацијата се повикува на член 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој Комисијата за прашања на изборите и именувањата по претходно спроведена јавна расправа треба да утврди предлог-листа од пријавените кандидати и да ја достави до Собранието заедно со материјалите од сите пријави и извештај од јавната расправа. Јавниот оглас за избор на еден член на ова тело беше објавен во март.

Во реакцијата, Мрежата предупредува дека постапките за избор на членови на независни тела не смеат да оставаат сомнеж во однапред донесени одлуки, особено кога станува збор за институција што има клучна улога во заштитата на човековите права и еднаквоста. Оттаму бараат Комисијата за избори и именувања итно да образложи зошто дел од кандидатите не се нашле во процесот.

Ова не е првпат Мрежата јавно да реагира за изборот на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. И во февруари таа побара Собранието да спроведе нов оглас, предупредувајќи дека институцијата не смее да остане со нецелосен состав.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни