Netflix ја заврши 2024 година со најголемиот квартален пораст на претплатници во својата историја, со рекордни 18,9 милиони нови корисници во четвртиот квартал, што е скоро двојно повеќе од очекувањата на аналитичарите од Wall Street. Вкупниот број на претплатници кои плаќаат за оваа популарна услуга за стриминг, го надмина бројот од 300 милиони на глобално ниво.
Овој импресивен раст беше поттикнат од емитувањата на големите спортски настани во живо и враќањето на планетарниот хит, серијата „Squid Game“. Компанијата исто така пријави приход од 10,2 милијарди долари во четвртиот квартал, што претставува пораст од 16% во однос на претходниот период.
Netflix планира понатамошен раст и во 2025 година, предвидувајќи приход од дури 44,5 милијарди долари, што претставува пораст од 14% во однос на претходната година. Зголемувањето на цените на претплатата на пазарите како што се САД, Канада, Португалија и Аргентина треба да придонесе за понатамошен раст на продажбата и профитабилноста на компанијата.