Основното јавно обвинителство отвори истрага за сообраќајната несреќа на скопската обиколница, меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, во која загинаа 20-годишните Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов и Адам Велков, како и 51-годишниот оперски баритон Ристе Велков, татко на Адам Велков.
Осомничен е косовскиот државјанин Б.Б. (76), кој управувал камион „ман“ со полуприколка. Тој се сомничи за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според Обвинителството, осомничениот се движел по северната обиколница на Скопје во насока од запад кон исток, но не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.
Кога се доближил до клучката Мирковци, тој не ја приспособил брзината на движење според условите на патот, густината на сообраќајот и другите околности, поради што не можел навреме да го запре возилото пред пречка што можел да ја предвиди.
Во еден момент изгубил контрола над камионот, свртел налево, ја пробил металната одбојна ограда и продолжил да се движи, преминувајќи на коловозот на автопатот наменет за возила од спротивната насока. Таму, со предната страна од камионот, удрил во автомобил „бмв“ што се движел од исток кон запад.
По ударот, како што е познато, автомобилот и камионот се запалиле.
Од Обвинителството соопштија дека, поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.