Под влијание на значително студена воздушна маса од север, 1 Мај во Македонија ќе донесе невообичаено ладно и променливо време за почетокот на мај. Ќе преовладува променлива облачност со сончеви периоди, но во попладневните часови се очекуваат и слаби локални врнежи од дожд. На планините над 1400–1500 метри надморска височина ќе има услови за провејување снег.
Ќе дува и засилен северен и североисточен ветер, што дополнително ќе ја зголеми чувството на студ.
Во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно и ладно за овој период од годината, со сончеви интервали и можност за слаб дожд попладне. Ветерот ќе дува од северен правец, повремено засилен.
Утринските температури низ земјата ќе се движат од -3 до 8 степени, со појава на мраз во повисоките и планинските региони. Во Скопје минималната температура ќе се спушти до околу 4 степени. Дневните температури ќе достигнат од 9 до 18 степени, додека во Скопје максималната ќе биде околу 16 степени.
Ова значи дека 1 Мај ќе биде значително постуден од просекот за овој период, со отстапување и од над 10 степени во однос на вообичаените температури за почеток на мај.