Бразилскиот ас Нејмар потврди дека повеќе нема да настапува за фудбалската репрезентација на својата земја.
На тој начин, Нејмар на 34-годишна возраст ја заврши репрезентативната кариера долга 16 години.
Одлуката ја соопшти откако претходно, по елиминацијата на Бразил од Светското првенство, најави дека натпреварот против Норвешка најверојатно бил негов последен во жолтиот дрес.
„Моето време со репрезентацијата заврши“, изјави Нејмар, додавајќи дека е горд на својата кариера и дека дал сè за Бразил. Со оваа изјава тој ги отстрани дилемите дали би можел да се врати во националниот тим пред Светското првенство во 2030 година.
Последниот натпревар на Нејмар за Бразил беше осминафиналето на Светското првенство против Норвешка на 5 јули. Бразил загуби со 2:1, а Нејмар во последните моменти постигна гол од пенал. Тоа беше најраната елиминација на бразилската репрезентација на еден мундијал по 1990 година.
На турнирот пристигна по долг период исполнет со повреди и немаше стандардно место во почетниот состав. Иако се врати навреме за да биде дел од репрезентацијата, неговата минутажа беше ограничена, а Бразил не успеа да стигне подалеку од првата елиминациска фаза.
Нејмар се повлекува како најдобар стрелец во историјата на бразилската репрезентација, со 80 голови на 130 натпревари. Зад себе остави и 58 асистенции, а дресот со бројот 10 го носеше на четири светски првенства – во 2014, 2018, 2022 и 2026 година.
За сениорската репрезентација дебитираше во 2010 година. Со Бразил го освои Купот на конфедерациите во 2013 година, а беше дел и од олимписката селекција што во Рио де Жанеиро во 2016 година го освои првото олимписко злато во историјата на бразилскиот машки фудбал. Светската титула и Копа Америка останаа трофеи што не успеа да ги освои.
На клупско ниво Нејмар останува активен во Сантос, клубот во кој ја почна професионалната кариера. Неговиот актуелен договор со бразилскиот клуб важи до крајот на 2026 година.