Навивачите револтирани од високите цени на пијалаците на Светското првенство 2026

Високите цени на пијалаците и билетите за Светското првенство 2026 предизвикуваат незадоволство кај навивачите уште пред почетокот на турнирот.

Светското првенство во фудбал 2026 сè уште не е започнато, но незадоволството кај навивачите веќе расте поради високите цени на билетите и пијалаците на стадионите. Многумина сметаат дека турнирот станува сè помалку достапен за обичните љубители на фудбалот.

Првите реакции се појавија по пријателскиот натпревар меѓу Англија и Нов Зеланд на стадионот „Рејмонд Џејмс“ во Флорида. По завршувањето на средбата, навивачите биле непријатно изненадени од цените на освежителните пијалаци. Голема лименка пиво чинела 16,75 долари, додека премиум пивото достигнувало цена од 18 долари.

Ниту оние што не консумираат алкохол не поминале подобро. Шише вода се продавало за 8,75 долари, што предизвикало бројни негативни реакции на социјалните мрежи. Голем дел од навивачите сметаат дека ваквите цени се претерани и дека спортскиот спектакл се претвора во начин за дополнителна заработка.

За милиони љубители на фудбалот кои натпреварите ќе ги следат од своите домови или локални угостителски објекти, Светското првенство ќе остане настан што ќе го доживеат од далечина. За оние што ќе отпатуваат во Северна Америка, искуството сигурно ќе биде незаборавно, но останува прашањето дали вреди да се плати толку висока цена за него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс