Како делењето оброк го намалува ризикот од депресија и деменција?

Звучи речиси премногу добро за да биде вистинито, но една едноставна промена во вашите навики за исхрана може да направи чуда за вашето тело и мозок. Тоа може да го намали ризикот од депресија, да ве заштити од деменција, да го зголеми задоволството од храната, па дури и да ви го продолжи животот.

Не станува збор за некоја нова популарна диета, туку за една од најдревните човечки практики: „коменсалитетот“ (commensality), односно чинот на јадење заедно со други луѓе. Професорот по економија и бихевиорални науки на Универзитетот во Оксфорд, Јан-Емануел Де Неве, констатира дека споделувањето оброци е суштински механизам за зближување, градење доверба и поврзување со другите, што има огромно позитивно влијание врз нашата добросостојба. За жал, сè поголемата изолација во современиот свет ја прави оваа практика сè поретка, но враќањето кон неа е многу поедноставно отколку што мислиме.

Голем дел од истражувањата за коменсалитетот го анализираат неговото дејство врз психата. Студија спроведена во Кина на над 9.000 жени на возраст над 60 години покажа дека бројот на луѓе кои седат околу масата за време на оброците е директен показател за ризикот од депресија. Овој фактор остана еднакво значаен дури и откако беа земени предвид личните приходи, општото здравје и тоа дали лицето живее самo. Слично на ова, истражувачи од Токио открија дека луѓето на возраст од 65 до 74 години кои живеат со своите семејства, но јадат сами, имаат петпати поголеми шанси да развијат симптоми на депресија во споредба со оние кои редовно јадат во друштво.

Светскиот извештај за среќата содржи уште посилни докази за моќта на споделениот оброк. При анализирање на податоци од околу 150.000 луѓе ширум светот, истражувачите забележаа дека зачестеноста на споделените оброци е исто толку силен показател за животното задоволство колку и статусот на вработеност или висината на приходите. Етимологијата на зборовите дополнително ја потврдува оваа древна врска: англискиот збор за придружник (companion) произлегува од латинските корени cum и pānis — односно „со леб“, додека кинескиот израз за истата концепција потекнува од карактери што опишуваат воена единица што дели исто огниште.

Биолошкиот антрополог Робин Данбар објаснува дека самиот чин на јадење во друштво природно го активира ендорфинскиот систем — хормоните кои создаваат чувство на среќа и го зајакнуваат меѓучовечкото поврзување. Дополнително, присуството на други луѓе го зголемува и самиот ужиток во храната; психолошки студии потврдуваат дека луѓето го доживуваат вкусот на храната како значително подобар кога ја консумираат во друштво.

Покрај подобрувањето на расположението, јадењето во заедница може да го забави и процесот на стареење на мозокот. Јапонски научници открија дека луѓето кои редовно јадат сами имаат намален волумен на мозокот во клучните региони поврзани со когнитивните функции, како што се хипокампусот и медијалниот темпорален лобус. Иако дел од овој ефект произлегува од полошата исхрана кај луѓето што јадат сами, намалената социјална поврзаност игра исто толку клучна улога. Социјалната поддршка и разговорот за време на оброците го намалуваат стресот и нудат ментална стимулација која го одржува мозокот активен и го намалува ризикот од деменција.

Различните култури имаат различен однос кон оваа практика. Додека во Јапонија луѓето споделуваат во просек помалку од четири оброци неделно, во Италија тој број достигнува речиси девет. Италијанската филозофија Slow Food, поддржана и од УНЕСКО како нематеријално културно наследство, го става фокусот врз грижата, трпението и заедничката подготовка на храната како средство против осаменоста и брзиот ритам на живеење.

Денес, дури и технологијата помага да се надмине овој проблем. Апликации како Tablo, кои ги поврзуваат луѓето со цел проширување на социјалниот круг за време на ручек или вечера, покажуваат дека потребата за споделување оброк е универзална. Поканата на пријател, колега или сосед на едноставен оброк е чекор што брзо гради пријателства и директно придонесува за вашет здравје и долговечност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс