Научниците откриваат начин за слабеење на лошите спомени

Новите истражувања во невронауката покажуваат дека трауматичните спомени можеби ќе можат да се ублажат без целосно бришење од мозокот.

Болните спомени се дел од животот и силно влијаат врз личноста и одлуките на човекот. Токму затоа научниците со години истражуваат дали е можно трауматичните сеќавања да се ублажат или променат. Она што некогаш изгледаше како научна фантастика, денес станува сериозна тема во невронауката.

Професорот по невронаука од Универзитетот во Бостон, Стив Рамирез, лично ја почувствувал тежината на болните спомени по смртта на негов близок пријател и колега. Тој признал дека тагата долго време се обидувал да ја потисне со алкохол, сè додека не сфатил дека проблемот станува сериозен. Подоцна, преку терапија и разговори со блиските, успеал да се справи со загубата и токму тоа станало мотивација за неговите истражувања.

Современите истражувања покажуваат дека спомените не се трајно „заклучени“ во мозокот. Секојпат кога човек ќе се присети на некој настан, меморијата кратко повторно се активира и тогаш може да биде изменета. Овој процес, познат како реконсолидација, отвора можност трауматичните спомени да ја изгубат емоционалната сила.

Научниците уште пред неколку години успеале кај глувци да идентификуваат мозочни клетки поврзани со страв. По нивно отстранување, животните повеќе не реагирале со паника на звуците што претходно ги поврзувале со опасност. Подоцнежните експерименти покажале дека позитивните спомени можат да ја намалат реакцијата на страв и негативните емоции.

Иако резултатите се охрабрувачки, експертите предупредуваат дека ваквите методи сè уште не се безбедни за примена кај луѓе. Наместо директно менување на мозочните клетки, научниците денес повеќе се насочуваат кон терапии за лица со трауми и посттрауматски стрес.

Меѓу најпознатите методи се когнитивно-бихејвиоралната терапија и EMDR терапијата, кои помагаат пациентите поинаку да ги обработуваат болните сеќавања. Интерес предизвика и истражување според кое играњето „Тетрис“ по присетување на трауматичен настан може да го намали бројот на вознемирувачки флешбекови.

Сепак, многу научници сметаат дека целосното бришење на спомените не би било добра идеја. Дури и болните искуства се важен дел од идентитетот и помагаат човекот да учи од минатото. Дополнително, постојат и сериозни етички прашања за тоа како ваквата технологија би влијаела врз општеството и правниот систем.

Рамирез верува дека целта не треба да биде бришење на спомените, туку намалување на болката и стравот што ги носат. Според него, токму најтешките моменти понекогаш подоцна добиваат смисла и стануваат важен дел од животното искуство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс