Кинески автомобили ќе се произведуваат во фабриката на Citroën во Франција

Фабриката на Stellantis кај Рен, позната по историските модели на Citroën, треба да произведува најмалку еден модел на Dongfeng за европскиот пазар.

Кинески автомобили наскоро ќе се произведуваат во Франција, во фабрика на Stellantis позната по моделите на Citroën. Компанијата Dongfeng и автомобилскиот гигант Stellantis подготвуваат соработка со која најмалку еден модел на кинескиот производител ќе се склопува во фабриката во Рен-ла-Жане, наменет за европскиот пазар.

Договорот доаѓа во момент кога Stellantis се обидува подобро да ги искористи капацитетите на своите европски фабрики, додека Dongfeng бара начин да ги избегне дополнителните царини за увоз на електрични и други возила произведени во Кина.

Фабриката кај Рен има значајно место во историјата на Citroën. Таму се произведувале модели како Ami, GS, BX, Xantia и C5, а денес од производната линија излегува само Citroën C5 Aircross. Токму поради тоа кај дел од вработените постои загриженост за иднината на погонот, особено ако продажбата на овој SUV модел ослаби.

Според француските медиуми, претставници на Dongfeng веќе неколкупати ја посетиле фабриката, а официјална потврда за соработката се очекува наскоро. Се проценува дека погонот може да произведува дополнителни 40.000 возила годишно без поголеми инвестиции.

Соработката на Stellantis со кинеските производители не застанува тука. Компанијата веќе работи со кинескиот бренд Leapmotor, чии модели треба да се произведуваат во Шпанија, а еден иден SUV на Opel ќе биде базиран на кинеска платформа.

Паралелно, Stellantis планира и проширување во Кина. Од следната година во фабриката на Dongfeng во Вухан треба да се произведуваат нови модели на Peugeot и Jeep, наменети за кинескиот, но и за глобалниот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс