НАТО собори украински дрон над Естонија: Киев се извини по инцидентот во балтичкиот воздушен простор

Борбен авион Ф-16 на НАТО собори украински дрон што влегол во воздушниот простор на Естонија. Киев се извини за инцидентот, а естонските власти велат дека леталото најверојатно скршнало од курсот поради електронско попречување.

Борбен авион „Ф-16“ на НАТО денеска собори дрон што навлегол во воздушниот простор на Естонија, по што Украина официјално се извини за инцидентот. Според естонскиот јавен сервис ЕРР, дронот бил пресретнат и соборен од романски авион распореден во рамки на мисијата на НАТО за воздушна контрола на Балтикот.

Естонските одбранбени сили претходно издале предупредување за воздушна опасност во јужниот дел на земјата, откако леталото било забележано како се движи кон естонска територија. Министерот за одбрана Хано Певкур изјави дека информацијата најпрво пристигнала од Латвија, а потоа движењето на дронот било потврдено и од естонските радари.

„Ги активиравме сите потребни мерки, а борбен авион од мисијата за воздушна контрола на Балтикот го собори дронот“, изјави Певкур.

Леталото било погодено јужно од градот Полтсама, а остатоците паднале во близина на селото Каблакула. Според локалните власти, нема повредени ниту материјална штета. Жители на селото за медиумите изјавиле дека виделе два борбени авиони, по што следела силна експлозија и пад на дронот во шумска област.

Естонските власти сметаат дека беспилотното летало најверојатно скршнало од планираната рута поради силно електронско попречување во регионот. Според нив, Русија користи системи за нарушување и лажно наведување на ГПС-сигналите, што може да предизвика дроновите да ја изгубат траекторијата.

Естонскиот пратеник Марко Михкелсон оцени дека најверојатно станувало збор за украински дрон кој требало да лета кон руска цел. Министерот Певкур порача дека Естонија нема да дозволи користење на нејзиниот воздушен простор без одобрение, освен за сојузничките сили. Подоцна, украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров во телефонски разговор со Певкур се извинил за инцидентот. По интервенцијата, естонските власти соопштија дека воздушната опасност е укината и дека нема нови закани во воздушниот простор на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс